Свет
Рубио предупреди дека војната во Украина може да се прошири во други држави
Американскиот државен секретар Марко Рубио изрази загриженост дека руската војна против Украина може да се прошири во други држави преку хибридни напади, саботажи или поради недоразбирања што би довеле до директни борбени дејства.
– Една од нашите многубројни загрижености во врска со војната меѓу Русија и Украина е дека таа може да се прошири и да опфати и други места. Може да се пренесе на друго место, без разлика дали преку хибриден напад, саботажа или поради недоразбирање. Знаете, некој пилот отстапува од курсот и одеднаш доаѓа до активни борбени дејства“ – изјави Рубио пред новинарите во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН, по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој нагласи дека Вашингтон го покренува ова прашање на повеќе средби со претставници на различни држави, бидејќи тоа претставува сериозна причина за загриженост.
На истата тема, амбасадорот на САД во ОН, Мајк Волц, за време на седницата на Советот за безбедност на ОН „најкатегорично“ ги осуди сите обиди за проширување на војната во Украина, оценувајќи дека таквата ескалација е опасна и неприфатлива.
Заменичката на генералниот секретар на ОН за политички прашања, Розмари Дикарло, на почетокот на седницата на Советот за безбедност посветена на мирот и безбедноста во Украина, предупреди дека ескалацијата значи и зголемување на воените ризици за целиот регион.
– Влегуваме во нова опасна фаза од војната во Украина. Со секој изминат день нападите се засилуваат, бројот на цивилните жртви расте, обемот на разурнувањата се зголемува, а ризикот конфликтот да се прошири во регионот расте. А последиците се чувствуваат далеку надвор од бојното поле. Ова е ескалација на човечкото страдање, на регионалните ризици и на штетите врз принципите на Повелбата на ОН и меѓународниот правен поредок – рече Дикарло.
Дикарло истакна дека инцидентите со навлегување или приближување на дронови до воздушниот простор на соседните држави се сѐ почести, посебно посочувајќи ги загрижувачките извештаи од пограничните области на Украина со Молдавија и Полска, како и од Литванија и Романија. Според неа, нападите врз граничните премини, транспортната и логистичката инфраструктура дополнително ги зголемуваат ризиците, па затоа сега претстои избор меѓу проширување на конфликтот и тргнување по патот кон негово решавање.
Со слична предупредувачка оценка претходно излезе и полскиот премиер Доналд Туск, кој изјави дека очекува зачестување на руските напади врз Украина и врз државите што го поддржуваат Киев. Туск се повика на разузнавачки податоци според кои овие држави, вклучително и Полска, би можеле да бидат цел на напади со дронови и ракети, осмислени да изгледаат како случајни инциденти.
септември 24, 2026
