Култура
Средба со лауреатите на ИФФК „Браќа Манаки“ Џеф Кроненвет и Дан Лаустсен
ИФФК „Браќа Манаки“ одржа заедничка прес конференција со годинешните лауреати на фестивалот, Џеф Кроненвет добитник на наградата Специјална Златна „Камера 300“ за особен придонес во светската уметност и Дан Лаустсен, добитник на Специјалната Златна „Камера 300“ за животно дело.
Светски познатиот кинематографер Кроненвет, пионер во дигиталната ера на кинематографијата, познат по соработката со режисерот Дејвид Финчер, но и по две номинации за Оскар, во Битола говореше за неговиот пристап при снимањето на филм.
-Убаво е да се снима на филмска лента затоа што тогаш можете точно да доловите одредена слика, а кога се снима дигитално тогаш се случува разногласие бидејќи секој сака да се истакне и помалку е себичен, посочи Кроненвет, истакнувајќи го својот дел од влогот во снимањето на филмот и искуства од долгогодишната работа.
На прес-конференција во Битола, Дан Лаустсен, добитник на Специјалната Златна „Камера 300“ за животно дело, говореше за разликите во пристапот при снимање филмови во Европа и САД.
-Јас соработувам и секогаш добро се сложувам со сите режисери. Начинот на работа во Европа и САД е во суштина поврзан, но најмногу се разликува заради буџетот определен за еден филм. Тука се појавува разликата меѓу Европа и САД. Во Америка има поголем буџет, на располагање има многу работна рака, други големи можности, но насекаде е најважно да се долови најдоброто што го сака публиката, рече меѓудругото лауратот Лаустсен.
Како што е познато, данскиот кинематографер Дан Лаустсен во својата кариера најмногу соработувал со Гиљермо дел Торо и Чад Стахелски, и исто како и Кроненвент два пати бил номиниран за Оскар, за филмовите „Обликот на водата“ и „Алеја на кошмарите“.
септември 21, 2026
