Кошарка
Шампионот претстави ново американско засилување
Американскиот кошаркар Лесли Ворнер (28 години, 201 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје. Тој денеска официјално стави потпис на договорот со македонскиот кошаркарски првак.
Станува збор за искусен крилен кошаркар, кој зад себе има богато европско искуство. По четирите години минати на Универзитетот Рио Гранде, првиот ангажман во европски клуб го имаше во австриски Грац во сезоната 2021/22, која ја заврши во редовите на британски Њукасл.
Потоа настапуваше за Капфенберг (Австрија), Славија Прага и Усти над Лабем (Чешка), Короивос (Грција), додека минатата сезона ги бранеше боите на литванскиот прволигаш Јонава. Натпреварите често ги завршува со дабл-дабл ефект (поени и скокови).
Ворнер е третото интернационално засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по сонародникот Ноа Фарахан и босанскиот центар Емир Крајиниќ. Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов.
Во сезоната што следува МЗТ Скопје ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.
август 1, 2026
