Connect with us

Свет

Американски функционер: Трамп и Путин во Кина ќе одржат тет-а-тет средба

Американскиот претседател Доналд Трамп утре треба да одржи одвоена средба со рускиот претседател Владимир Путин во Кина, покрај претходно закажаниот трилатерален самит со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, изјави претставник на американската влада за ДПА.

Засега не е јасно кога точно ќе се одржи средбата.

Трамп и Путин вечерва присуствуваа на официјалниот прием за самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужниот кинески град Шенџин.

Има многу прашања за разговор, изјави советникот за надворешна политика на Путин Јуриј Ушаков за руската државна телевизија во пресрет на самитот на АПЕК.

Трамп и Путин последен пат се сретнаа во август 2025 година во Енкориџ, во американската сојузна држава Алјаска, каде што разговараа за војната на Русија против Украина. Двајцата претседатели во неколку наврати разговараа и телефонски.

Самитот Путин-Трамп-Шји е значајна средба од која се очекуваат многу добри резултати, рече Ушаков. Тој вечерва изјави дека сè уште се работи на точната агенда, но дека Украина би требало да биде во фокусот на овие разговори. Трамп претходно изјави дека сака да разговара за нуклеарно разоружување со Путин и Шји.

Се работи и на завршниот документ од самитот, рече Ушаков. Клучните точки сè уште треба да се разјаснат. „Досега се одвива интензивна работа“, истакна Ушаков.

Ова е првпат шефовите на држави на Кина, Русија и Соединетите Американски Држави да се состанат на самит. Руските коментатори го нарекоа нов „формат Г3“.

АПЕК опфаќа 21 економија вклучувајќи ги САД, Кина и Русија. Целта на организацијата е да ја промовира слободната трговија и економската соработка во азиско-пацифичкиот регион.

Ad
Ad