Свет
Тајван доби уверување од Вашингтон: Политичкиот курс на САД кон Тајпеј останува непроменет
Тајван води непрекинати разговори со САД за набавка на оружје и доби уверувања дека американската политика кон островот останува непроменета по минатонеделната средба на високо ниво во Вашингтон меѓу претседателите Доналд Трамп и Шји Џјинпинг, изјави денеска тајванскиот министер за одбрана Велингтон Ку.
И покрај непостоењето официјални дипломатски односи, САД се најважниот меѓународен поддржувач и снабдувач со оружје на Тајван – остров врз кој Кина полага територијални претензии.
Обраќајќи им се на новинарите во парламентот во Тајпеј, министерот Ку истакна дека тајванската влада по средбата Трамп – Шји повеќепати добила појаснувања од американска страна дека не постои никаква промена во односите.
– Што се однесува до тековните договори за воени набавки, ние исто така водиме непрекинати разговори со американската страна. Секој одделен случај бара конкретна соработка. Колку што ми е познато, досега не сме добиле известувања за промени – додаде тој.
Кина повеќепати повика на прекин на продажбата на оружје за Тајван, а во мај, по посетата на Пекинг, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го задржува новиот пакет-вооружување вреден околу 14 милијарди долари. Сепак, по средбата со кинескиот лидер Шји во Вашингтон минатата недела, Трамп само кратко изјави дека Пекинг ја разбира неговата позиција во однос на Тајван.
Како што пренесува ДПА, Тајван веќе со години се соочува со акумулирани нарачки за оружје кои сè уште не се испорачани. Едно од главните доцнења се однесува на нарачката од 2019 година за 66 борбени авиони Ф-16В (F-16V), кои се опремени со понапредна авионика, вооружување и радарски системи за поуспешно спротивставување на кинеските воздухопловни сили и нивните стелт-борбени авиони Ј-20 (J-20).
Тајванските медиуми објавија дека првите два авиона од овој модел веќе се наоѓаат на Хаваите и се очекува нивна наскорошна испорака.
Министерот Ку одби директно да го коментира точното време на испораката, наведувајќи само дека производниот процес достигнал фаза што овозможува испорака, но додаде дека поради доцнењето се предвидени соодветни компенсаторни мерки.
– Ќе продолжиме да ги усогласуваме нашите активности со американската страна во однос на испораките – истакна тој.
Инаку, САД се правно обврзани со Законот за односи со Тајван од 1979 година да му обезбедат на демократски самоуправуваниот остров соодветни средства за самоодбрана.
септември 29, 2026
