Свет
Разбиена мрежа за шверц на кокаин од Латинска Америка во Европа
Во меѓународна акција против мрежа осомничена за шверц на кокаин и перење пари, во Швајцарија е уапсено 41 лице, објави Европол.
Истражителите ја поврзуваат шверцерската мрежа со заплена на повеќе од 750 килограми кокаин во Антверпен.
Во меѓународната истрага, поддржана од Европол и Евроџаст, разбиена е криминална мрежа осомничена за шверц на големи количества кокаин од Еквадор и други латиноамерикански земји во Европа и перење пари од трговијата со дрога од 2019 година.
Истрагата ја водеше Швајцарското федерално обвинителство и Федералната полиција. Акцијата се спроведе на 10 и 11 ноември во Швајцарија, Чешка, Германија, Холандија и Шпанија. Во Швајцарија беа претресени 55 локации, а беше побаран притвор за пет од 41 уапсени лица. Европол, исто така, објави дека пет осомничени се привремено уапсени во Германија.
Истражителите ја поврзуваат мрежата со неколку заплени на кокаин, вклучувајќи ја и онаа од август оваа година, кога повеќе од 750 килограми дрога беа пронајдени во Антверпен, Белгија, во кутии испратени од Латинска Америка.
Според Европол, увозот бил олеснет од фиктивни компании регистрирани во Швајцарија и Холандија, додека се сомнева дека парите од шверцот биле перени преку компании во Чешка, Германија и Швајцарија.
Досега, во земјите учеснички во оваа акција се запленети повеќе од 2,3 милиони швајцарски франци, криптовалути во вредност од 50.000 франци и 15 парчиња оружје. Во Германија се запленети околу 1,3 милиони евра во готово, а во Чешка околу еден милион евра и 850.000 чешки круни.
Европол ја поддржа истрагата од 2022 година преку размена на информации, анализа на податоци и координирање на активностите. Евроџаст, пак, го поддржа заеднички истражен тим кој ги собра надлежните органи на пет земји за координирање на истрагите и споделување докази.
ноември 13, 2026


