Свет
Кушнер: САД работат на најголема размена на воени заробеници од почетокот на војната во Украина
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп и негов зет, Џаред Кушнер изјави дека Русија и Украина се согласиле да ги вклучат европските земји во следната рунда преговори и дека Вашингтон работи на „најголемата размена на затвореници“ во таа војна.
Коментарите на Кушнер дојдоа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави најавата за учество на европските претставници во следната рунда мировни преговори посредувани од САД, нагласувајќи дека се надева оти агендата ќе вклучува напори за постигнување прекин на огнот и смирување на конфликтот.
„Исто така, работиме на она што би била најголемата размена на затвореници во оваа војна, потенцијално повторно обединувајќи илјадници луѓе со нивните семејства“, напиша Кушнер на X.
Проширувањето на следната рунда преговори за вклучување на европските партнери би овозможило разгледување на пошироки безбедносни аранжмани во Европа по војната, како и територијални прашања меѓу Украина и Русија, додаде тој.
Кушнер, исто така, изјави дека Вашингтон е охрабрен од постигнатиот напредок, но предупреди дека се уште постојат значителни разлики меѓу страните.
Зеленски, по разговорот со американските претставници Стив Виткоф и Кушнер, ја нагласи важноста од продолжување на преговарачкиот процес, со оглед на тоа што преговорите оваа недела во Абу Даби беа првите вакви состаноци во изминатите девет месеци.
Виткоф претходно изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил со учеството на европските претставници во следната рунда преговори, иако во исто време го повика Вашингтон да утврди со своите европски сојузници дали сакаат мир или војна во Украина.
Кушнер и Виткоф беа во Москва на средба со Путин, а потоа во Даблин на средба со Зеленски.
Во својата изјава, Кушнер нагласи дека за траен крај на конфликтот, потребно е да се обезбедат веродостојни безбедносни гаранции и „заемни“ обврски за деескалација со цел да се намали ризикот од идни конфликти.
Во февруари 2022 година, Русија започна инвазија врз Украина.
ноември 13, 2026


