Connect with us

Вести

Мицкоски на 9 мај: Слободата не е подарок – таа е избор, жртва и одговорност

Денес стоиме исправени пред историјата. Пред ден кој не е само датум во календарот, туку ден врежан во совеста на човештвото. Ден на победата над фашизмот. Ден кога светот покажа дека злото може да биде поразено, дека тиранијата не е вечна и дека слободата секогаш ја наоѓа својата сила во народите кои не се предаваат,  рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќање  на свеченоста пред Владата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, под слоганот „Победа, принципи и вредност“. 
 
Овој ден е и белег за трудот и постојаноста на многу генерации кои се бореа за слобода. Големите работи не доаѓаат незаслужено, а кога станува збор за нашата татковина, ќе се согласите дека секој голем чекор на нашите комити, војводи и партизани е испишан низ историските страници со многу жртви, буни, востанија и со непоколеблива и пркосна желба за своја држава и слобода. Нема народ кој до овие цели не стигнал со многу препреки, но нашиот го имаше најдолгиот пат, по кој дојде државата.
 
Ние, Македонците, многу добро ја разбираме цената на слободата. Нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор. Историја на луѓе кои, и кога биле малубројни, знаеле да бидат големи. Историја на генерации кои ја чувале идејата за своја држава, свој јазик, свој идентитет и свое достоинство.
 
Зад мене е споменикот на ослободителите. Погледнете го убаво. Во него, низ седум ликови, се раскажува приказната за нашата борба. Борец на чело кој со пушка во рака ги охрабрува борците на јуриш, жена во одлучен став со пушка во рацете, дете меѓу борците, борец кој со едната рака придржува ранет другар, а со другата фрла бомба, борец во умирање кој со своите последни сили го држи знамето на слободата и младинец кој се подготвува за напад кон поробителите. Ова е само една епизода од плејадата драматични слики од нашата историја. Токму вака изгледала и битката на оние кои ја донесоа слободата.
 
И денес пред мене се дел од вистинските ликови од оваа епопеја и нивните наследници. Како премиер, но пред сè како човек, имам обврска да изразам почит кон делото и жртвата, кон вас и илјадници други кои испишаа историја. Нивните имиња и дела мора да ги паметиме.
 
Во годините на Втората светска војна, македонскиот народ, рамо до рамо со своите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, застана на вистинската страна на историјата. Илјадници борци ги положија своите животи за слободата која денес ја живееме. Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината.
 
И затоа денес, кога се поклонуваме пред нивната жртва, не смееме да дозволиме нивниот подвиг да биде заборавен или релативизиран. Слободата никогаш не е подарок. Таа е избор, жртва и одговорност. И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори.
 
И јас, без ни малку предрасуди, на сето ова гледам како на историски факти, сакал некој да признае или не, се срамел некој или не. Народите кои се издигнаа над таквите парадигми и не робуваа на историските дамки дека нивните раководства биле на погрешната страна, отидоа многу напред. Но има и такви кои заглавија во историјата и со себе сакаат да ги повлечат и другите.
 
Моралната вертикала е многу голема кога ќе се соберат сили да се зборува и за недостатоците и грешките кои одредени држави и народи ги правеле. И тоа не може да биде една иста генерална слика за цел народ, ниту еден народ да се гледа како непријател. Тоа е заслуга и последица на тогашните раководства и нивните челници.
 
Но во исто време, како граѓанин и како човек кој има мандат да одлучува за процесите, ниту сега ниту во иднина нема да замолчам кога станува збор за вистината за нашата борба и нема да престанам да ги вреднувам заслугите на нашите предци кои ја изборија слободата. Повторувам – тие беа на вистинската страна. На страната на слободата. Против фашизмот.
 
Овие лекции се и лекции за Европа.
 
Европа тоа го научи на најтешкиот можен начин. Од урнатините на војната се роди идејата за европско обединување. Не како политички проект на бирократи, туку како цивилизациски завет – дека никогаш повеќе народите нема да се уништуваат меѓусебно. Европа на солидарност, вредности и принципи. А што се принципите ако не правила кои треба да важат за сите, норми кои треба да донесат просперитет и иднина?
 
Ние верувавме во тоа и сè уште веруваме дека Европа е нашиот единствен пат. Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија. Но, исто така, да не се залажуваме – постои и горко искуство од многу откажувања, препреки и неразумни спорови на овој наш пат. Тоа силно и длабоко фрустрира, кога принципите се кршат токму врз грбот на оние кои бараат принципи и праведна шанса. Исто како што обесхрабрува и рамнодушноста на многу поголеми држави кон овие неправедни епизоди на нашиот народ и држава.
 
Јас на Европа не гледам само како на географија. Европа треба да биде вредност. Европа е верба во човековото достоинство, во демократијата, во владеењето на правото, во почитта кон различностите и во правото секој народ слободно да чекори по својот пат.
 
Разбирам и дека Европа денес повторно се соочува со предизвици. Војни, поделби, радикализам, економска неизвесност и криза на доверба. Во време кога повторно се слуша јазикот на омразата, наша должност е да бидеме глас на разумот, стабилноста и единството. Мора да разговараме и да се обидуваме, затоа што само така можеме да дојдеме до решенија. Но не решенија со кои ќе оставиме големи товари на нашите потомци, туку трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред.
 
Секој што ме знае добро, уверен е дека, колку и да постојат празнини и недржавничко однесување во нашиот политички естаблишмент, добро знае дека пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам. Ниту ми паднало на ум такво нешто. Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата заедничка татковина.
 
Почитувани присутни,
 
Како народ отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Во нашата историја имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати. Но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале.
 
Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не обединување во стравот, туку во надежта. Не во омразата, туку во визијата. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат.
 
Големите чекори секогаш ги правеле поединците кои ја гледале големата слика. Жал ми е што таа рака за обединување многупати беше одбиена. Но, има и такви политичари коишто за да стигне до обединување, треба да знае дека мора да чекори напред, а не да стои во место или да одат назад. Да не одбива разговор, затворена во своите кругови и целосно отсечена од реалноста.
 
Медиокритетите од таквите редови создаваат лицемерен отсјај кој може да се види и во изјавите и критиките дека се за единство и европска интеграција, а не гласаат ниту еден закон од реформската агенда која е приоритет на истата таа Европа. Таквиот нихилизам создава омраза, но и облак во кој ни самите не можат да се препознаат.
 
И нивното талкање низ таквиот простор се гледа и во променливоста и неконзистентноста на ставовите. Најчесто нивните ставови за клучните прашања се разликуваат од утро до пладне. А чести се случаите кога при очи се прават слепи, а при уши – глуви.
 
Политиката на кодошење на сопствената земја таквите ги прави добри слуги на туѓи фактори, но не и пријатели на својот народ. И затоа, повеќе од кога било, потребно е да ја видиме суштината и да постигнеме единство. Но единство на принципи и вредности.
 
Драги пријатели,
 
Нашата борба денес не е со оружје. Нашата борба е за знаење, за развој, за институции и за достоинствен живот.
 
 
Борба против сиромаштијата, корупцијата, неправдата и безнадежноста. И таа борба мора да ја добиеме со истата решителност со која нашите предци ја бранеа слободата.
 
Како што рекол Винстон Черчил: „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален – важна е храброста да се продолжи понатаму.“
 
Токму таа храброст денес ѝ е потребна на татковината.
 
Да продолжиме напред со исправена глава. Да градиме држава која ќе биде почитувана, стабилна и просперитетна. Држава која нема да биде симбол на поделби, туку пример за достоинство и напредок.
 
Знам дека не се живее лесно. Знам дека многу семејства секој ден прават пресметки како да го поминат месецот. Дека ценовните шокови, инфлацијата и скапиот живот се најголемата грижа на граѓаните. И тоа не е само ваша грижа – тоа е и моја лична грижа. Затоа сè што правиме во овој период е насочено кон тоа државата повторно да ја застанеме на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек.
 
Нашата политика е политика на четири клучни столба.
 
Првиот столб е економијата и животниот стандард. Нашата цел е јасна – повисоки плати, повеќе инвестиции, нови работни места и силна домашна економија. Работиме на поддршка на компаниите, на отворање нови капацитети, на инфраструктурни проекти и на финансиска стабилност.
Вториот столб е образованието. Моќта на образованието е најсилниот лек против сиромаштијата. Држава која инвестира во знаење, инвестира во својата иднина. Затоа вложуваме во училишта, во подобри услови за учениците и наставниците, во модерни програми и дигитализација. Сакаме младите да добијат образование кое ќе им отвора врати, а не ќе ги тера да ја бараат иднината надвор. Образованието мора да биде двигател на промените и надеж за секое дете.
 
Третиот столб е правдата. Народот со години беше разочаран од двојните аршини, од чувството дека за едни има закон, а за други нема. Затоа рековме – нема да има наши и ваши, нема да има заштитени и недопирливи. Граѓаните мора повторно да поверуваат дека институциите постојат за да служат на народот, а не на поединци.
 
Четвртиот столб се младите и иднината. Нема иднина ако младите ја губат надежта. Затоа нашата борба е да создадеме држава во која младите ќе сакаат да останат, да создаваат семејства, да работат и да успеваат. Сакаме младите луѓе да бидат двигател на промените, а не сведоци на разочарувања. Нашата обврска е да им оставиме држава со перспектива, достоинство и верба дека најдоброто време допрва доаѓа.
 
Економија и стандард, правда, образование и иднина.
 
Драги пријатели,
 
Нека 9 Мај биде потсетник дека слободата и мирот не се нешто што еднаш се добива и засекогаш се чува. Тие секоја генерација повторно ги брани – со мудрост, со работа и со единство.
 
Денес, кога се поклонуваме пред жртвите кои го победија фашизмот, не смееме да заборавиме една голема вистина – слободата никогаш не е подарена. Таа е избор. Таа е борба. Таа е жртва. И секоја генерација има должност повторно да ја брани, со мудрост, со единство и со човечност.
 
9 Мај не е само датум од историјата. Тоа е потсетник дека и во најтемните времиња народите можат да најдат сила да се обединат околу доброто. Дека омразата и поделбите никогаш не смеат да бидат посилни од достоинството и надежта. И дека Европа не е создадена само од договори и институции, туку од солзите на мајките, од жртвата на хероите и од сонот никогаш повеќе да не се повтори злото на војната.
 
Ние, добро ја знаеме цената на слободата. Знаеме што значи борба за своја држава, за свое име и за свое достоинство. И токму затоа денес испраќаме порака дека остануваме на страната на мирот, слободата и европските вредности.
 
Да градиме Европа која не заборава.
 
Европа која обединува. Европа на народите, достоинството и можностите. Но пред сè – да градиме држава како дом во кој секој човек ќе живее со надеж, сигурност и вера во иднината.
 
Нека е вечна славата на хероите кои ја победија темнината.
 
Нека е вечна идејата за слобода.

Доаѓа времето на Македонската иднина – горда, исправена и европска.

Бог да ја благослови Европа, Бог да ја благослови нашата Македонија.“

Маркетинг
Ad 1
Ad 1