Connect with us

Општини

Штипските средношколци презентираа иновативни еколошки проекти

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, заедно со шведскиот амбасадор Ола Сулстром и Лесли Милер од Канцеларијата на УНИЦЕФ, како и претставници од здружението LEAD беа дел од презентацијата на проекти за иновативни решенија во рамки на програмата UPSHIFT, реализирана во партнерство со LEAD и УНИЦЕФ, со финансиска поддршка од Шведска.

Во рамки на проектот UPSHIFT, седум ученици од СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип го презентираа проектот „BioVa“, преку кој изработија биопластика од целосно органски и разградливи материјали, наменета за производство на ќеси за еднократна употреба. Тимот „BioVa“ се стреми да придонесе кон намалување на користењето на неразградливи пластични ќеси и создавање поздрава животна средина.

Свое иновативно решение презентираше и тимот SOUNDPOWER од ДСУ РЦСОО „Коле Нехтенин“ – Штип, под менторство на професор Владо Арсов, со проектот „Еко ѕид“. Проектот претставува иновативен систем кој ја претвора бучавата во мала, но корисна електрична енергија преку употреба на пиезоелектрични елементи и акустични панели.

Учениците пак од СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип се претставија со функционален дуксер со посебна преграда за привремено одлагање на ситен отпад и еколошка порака на грбот, со цел подигнување на свеста за заштита на животната средина. На настанот присуствуваа ученици, наставници и ментори од тимовите на трите средни училишта од Штип.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3