Connect with us

Вести

Мицкоски повика на обединување и единство за принципи и за вредности

Потребно ни е обединување во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат,  порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, на свеченоста пред Владата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, под слоганот „Победа, принципи и вредност“. 

– Како народ отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Во нашата историја имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати. Но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале.  Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат. Големите чекори секогаш ги правеле поединците кои ја гледале големата слика. Жал ми е што таа рака за обединување многупати беше одбиена. Но, има и такви политичари кои  за да стигнат до обединување, треба да знаат дека мора да чекорат напред, а не да стојат во место или да одат назад. Да не се одбива разговор, затворени во своите кругови и целосно отсечени од реалноста,  рече Мицкоски. 

Медиокритетите од таквите редови, дополни тој, создаваат лицемерен отсјај кој може да се види и во изјавите и критиките дека се за единство и европска интеграција, а не гласаат ниту еден закон од реформската агенда која е приоритет на истата таа Европа.

– Таквиот нихилизам создава омраза, но и облак во кој ни самите не можат да се препознаат. И нивното талкање низ таквиот простор се гледа и во променливоста и неконзистентноста на ставовите. Најчесто нивните ставови за клучните прашања се разликуваат од утро до пладне. А чести се случаите кога при очи се прават слепи, а при уши – глуви. Политиката на кодошење на сопствената земја таквите ги прави добри слуги на туѓи фактори, но не и пријатели на својот народ. И затоа, повеќе од кога било, потребно е да ја видиме суштината и да постигнеме единство. Но единство на принципи и единство на вредности, рече Мицкоски.

Како што рече претходно во обраќањето, Европа е нашиот единствен пат и нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија. 

Мора, потенцираше, да се разговара за трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред, а не за решенија со кои ќе оставиме големи товари на нашите потомци.  Повтори дека „пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да прави“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1