Вести
НКЕУ-МК: Пактот за миграција и азил не смее да се гледа исклучиво како европски документ, свој глас мора да има и Западен Балкан
Пактот за миграција и азил не смее да се гледа исклучиво како европски документ, тој е процес во кој Западен Балкан мора да има свој глас, позиции и своја стратегија и само така може да се обезбеди дека реформите ќе бидат и ефикасни и фер и одржливи за сите. Земјите што денес се транзитни може утре да станат земји на задржување и затоа сериозен, поактивен и координиран пристап не е опција, туку нужност. Шверцувањето мигранти претставува криминален феномен со кој ниедна држава не може ефикасно да се справи сама и токму затоа неопходно е развивање заеднички стандарди и јакнење на меѓународната соработка.
Според податоците на УНХЦР, заклучно со јуни 2025 имало 91.500 луѓе од Западен Балкан што бараат или веќе добиле меѓународна заштита.
Ова беше истакнато на отворањето на 18. сесија на работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Новиот пакт за миграција и азил: безбедносни и интеграциски предизвици во Европа со фокус на ЗападеиБалкан и Република Северна Македонија“ во организација на Европското движење во Република Македонија.
Министерот за правда Игор Филков во своето воведно обраќање укажа дека шверцувањето мигранти претставува брзорастечки глобален криминален феномен со кој ниедна држава не може ефикасно да се справи сама и токму затоа неопходно е развивање заеднички стандарди и јакнење на меѓународната соработка.
– Република Северна Македонија ги има ратификувано сите релевантни меѓународни инструменти во оваа област. Како клучен документ би ги издвоил протоколот на ОН против шверцување мигранти по копно, море и воздух. Пред нас остануваат предизвиците поврзани со доследната примена на прифатените меѓународни стандарди, особено во делот на унапредување на меѓународната соработка – порача Филков.
Министерството за правда нагласи дека ги користи сите расположливи механизми за унапредување на меѓународната правна помош посочувајќи дека во 2024 година за кривичното дело шверцување мигранти биле заведени вкупно 46 предмети, од кои 44 со европски држави, а во 2025 година 56 предмети. За делото организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и шверцување мигранти во 2024 година се заведени осум предмети, од кои седум со европски земји, а лани 11 предмети.
Државниот секретар во Министерство за внатрешни работи и копретседавач на работната група, Сашо Петрушевски, како национален координатор за справување со миграции, шверцување мигранти и трговија со луѓе нагласи дека програмата 2026 – 2030 е веќе спремна и Владата треба да ја усвои.
– Програмата оди во насока обратно од она што се заговараше и го слушавме во медиумите… и оди кон зајакнување на границите, што е зголемување на безбедноста на Република Северна Македонија, оди кон сите оние работи што носат рестриктивна политика кон мигрантите во однос на справување на националната комисија и на институциите кои се задолжени за тоа и морам да кажам и усогласување на законските регулативи, кои 2026 – 2030 треба да се усогласат со европските – појасни Петрушевски.
Управувањето со азил и миграција, според Петрушевски, е една од најкомплексните и најчувствителни политики на ЕУ и по безмалку една деценија интензивни преговори, успеа да усвои сеопфатна реформа – пактот за управување со азил и миграција, кој, како што посочи, отвора сериозни прашања за практичната имплементација, за почитување на човековите права и за влијанието врз земјите, кои се наоѓаат надвор од унијата, но се дел од миграциските рути.
– Токму тука улогата на Западен Балкан станува клучна. Реалноста е дека земјите од Западен Балкан одамна не се само периферија на миграциската политика на ЕУ, напротив, тие се составен дел од проширениот состав за управување со миграцијата, особено со балканската рута. Иако формално не сме членки на Унијата, сепак директно ги чувствуваме последиците од секоја промена на европските политики – изјави Петрушевски нагласувајќи дека постои реална можност, но и потреба земјите од Западен Балкан да дадат активен придонес во тековниот процес во миграциските реформи.
Мерките од пактот, нагласи Петрушевски, веднаш нема да бидат обврзувачки за земјите од Западен Балкан, но во рамките на пристапниот процес некои од тие политики неизбежно ќе треба да бидат усогласени и наместо овој процес да се доживува како наметната обрвска, постои можност тој да се искористи како алатка за унапредување на националните системи за управување со миграцијата.
– Земјите од Западен Балкан може во меѓувреме да креираат модуси за усвојување слични регулативи, внимателно приспособени на нивните капацитети, економска реалност и безбедносна потреба. Ризикот од префрлање на товарот кон земјите надвор од ЕУ е реален. Доколку капацитетите за прием во Унијата се исполнат, земјите што денес се транзитни утре може да станат земји на задржување затоа сериозен, поактивен и координиран пристап не е опција, туку нужност. Пактот за миграција и азил не смее да се гледа исклучиво како европски документ, тој е процес во кој Западен Балкан мора да има свој глас, позиции и своја стратегија и само така може да е обезбеди дека реформите ќе бидат и ефикасни, и фер, и одржливи за сите – изјави Петрушевски.
Претставничка од УНХЦР за Централна и Југоисточна Европа, Никол Ептинг, во своето воведно обраќање порача дека глобалното раселување останува на рекордни нивоа со повеќе од 117 милиони раселени поради конфликт, прогон и сè полошите влијанија на нееднаквоста.
– Заклучно со јуни 2025, имало 91.500 луѓе од Западен Балкан што бараат или веќе добиле меѓународна заштита. Гледаме кризи што се преклопуваат, од таа во Сирија, до Авганистан, до Украина, кои продолжуваат да се двигатели на раселувањето кон Европа и блиското соседство – посочи Ептинг.
Претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, во своето обраќање се осврна на важната легислативна рамка, која треба да биде запазена во поглед на оваа проблематика, со акцент, како што рече, на соработката меѓу Јавното обвинителство и полицијата, која претставува неопходна претпоставка за успешно, законито и ефикасно спроведување на кривичното гонење и остварување на владеењето на правото.
– Законот за кривичната постапка јасно утврдува дека јавниот обвинител ја води предистражната постапка, ја раководи истрагата и ги презема сите неопходни дејства за прибирање докази, при што тој има овластување да ги насочи и координира дејствата на полицијата и другите надлежни органи – појасни Бесими.
Соработката помеѓу Јавното обвинителство и полицијата, како што посочи Бесими, дополнително се уредува и преку протоколи за соработка, со кои се прецизира нивниот начин на меѓусебна комуникација, координација во предистражната постапка, размена на информации, како и практични аспекти на постапување во конкретни предмети.
– Со овој протокол се зајакнува институционалната координација и се обезбедува усогласено, навремено и ефикасно постапување на надлежните органи, без навлегување во самостојноста и законитата надлежност на секоја институција. Понатаму, Законот за кривичната постапка му дава овластување на јавниот обвинител да издава писмени и усни наредби до полицијата за преземање конкретни истражни дејства, вклучително и наредби за претрес, привремено одземање предмети, приведување осомничени лица, како и примена на посебни истражни мерки под услови и на начин утврден со закон и соодветна судска контрола, каде што тоа е предвидено. Со ваква нормативна и подзаконска уреденост се воспоставува јасна, функционална поврзаност помеѓу Јавното обвинителство и полицијата, со што се обезбедува единство во постапувањето, се спречува некоординирано дејствување и се гарантира почитување на уставно загарантираните човекови права и слободи – нагласи Бесими.
Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, истакна дека денешните миграциски тенденции се резултат на повеќе паралелни кризи, конфликти, економски нееднаквости, климатски промени, демографски и други предизвици.
Според неа, миграцијата повеќе не е привремен феномен, туку длабок структурен проблем, поради што се потребни сериозни напори за системско управување со овој процес.
– Свесни сме дека една дебата не може да ги опфати сите аспекти на овој сложен проблем, но овој формат на дијалог дава можност да се креираат јасни, применливи и заеднички препораки – изјави Ѓуровска.
Во рамките на работната сесија ќе се одржат и два панела со посебен фокус на западнобалканската рута, вклучително и на институционалните капацитети, управувањето со границите, азилот и заштитата на човековите права, како и на регулацијата на работничките права на имигрантите како значаен сегмент од процесот на интеграција, на кои учество ќе земат претставници од институциите од Северна Македонија и Србија, експерти од граѓанскиот сектор од државата и ЕУ, претставници од правосудството, професори и други релевантни фактори, кои ќе ги презентираат тековните состојби и идните планови.
Проектот „Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија“ е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот е реализиран од страна на Европското движење во Северна Македонија, а е финансиран од „Словак аид“.
јануари 29, 2026

