Connect with us

Регион

Грција разгледува законска регулатива за користење електрични тротинети

На новите законски регулативи што се разгледуваат, заедно со Министерството за транспорт за користење на електричните тротинети, особено од малолетници, се осврна министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис во интервјуто за телевизијата „Мега“ и истакна дека тој лично смета дека треба да се забранат, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период регистрирани се низа несреќи во Грција со електрични тротинети кои се движат по коловозните ленти, а пред неколку дена во град на Пелопонез животот го загуби 13-годишно момче.

Надлежниот министер објасни дека негов личен став е дека тротинетите треба да се забранат, поради опасноста и со оглед на тоа што не постои соодветна инфраструктура, како што се велосипедски патеки и сл.

– За малолетните лица забрането е да возат тротинети на улица, бидејќи е многу опасно. За ова ќе постои и нова регулатива. Дозволено е онаму каде што не е улица, односно на тротоари, плоштади и сл. и сега ќе го регулираме ова со закон. Но, не се само малолетниците. Гледам и на улиците, на големите булевари каде што се движат сите овие луѓе, некои со кацига, многумина без кацига, со големи брзини. Моето лично мислење е дека не треба да постојат. Многу е опасно, рече Хрисохоидис.

Закон за безбедност во сообраќајот во Грција ги вклучува и електричните тротинети како дел од категоријата „Лесни лични електрични возила“ и предвидува две поткатегории.

Во првата се оние што се движат до шест километри на час и се третираат како пешаци, додека во втората категорија се оние што достигнуваат до 25 км/ч и се третираат како велосипеди.

За втората категорија важат конкретни правила, како што се движење по велосипедски патеки или по десниот раб на коловозот, задолжителна употреба на кацига и светла, како и забрана за превоз на втор патник.

Со оглед на тоа што во голем дел од грчките градови, како што е и Атина, не постојат велосипедски патеки или друг вид патеки што се однесуваат исклучиво на движење на велосипеди, тротинети итн, нешто што го посочи и надлежниот министер, тротинетите доста често сообраќаат по булеварите, заедно со останатите возила.

Според грчките медиуми, од четвртокот до неделата, полицијата во Атина спровела 397 контроли на електрични тротинети, а биле потврдени 135 прекршувања, мнозинството од нив на одредбата за задолжителна кацига.

Во изминатиот период во Атина постојат и тротинети за изнајмување, а често ги користат и туристите. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 1