Регион
Вартоломеј: Мирот секогаш бил достигнување, резултат на инспирирани иницијативи и храброст
Никогаш во историјата на човештвото, мирот не бил нешто што се подразбира, туку секогаш бил достигнување, резултат на инспирирани иницијативи, храброст и самопожртвуваност, отфрлање на насилството како средство за решавање на разликите и постојана борба за правдата и заштитата на светоста на човечката личност. Врз основа на ова, денес се упатува критика кон религиите, бидејќи наместо да дејствуваат како сили на помирување, честопати го поттикнуваат фанатизмот и насилството „во името на Бог“, порача вселенскиот патријарх Вартоломеј во неговиот говор во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Вселенскиот патријарх, по покана на претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, се обрати на специјалната седница, што во Грција се карактеризира како „седница од историско значење“ со оглед на тоа што последниот ваков говор Вартоломеј го одржал во 1999 година.
Во говорот се осврна на мирот, на човекот, на човековите права, на животната средина, на солидарноста.
Посочи дека за Вселенската патријаршија цврсто уверување е дека „мирот меѓу народите и културите е невозможен без мир меѓу религиите и нивниот поширок придонес во глобалната борба за мир“, изрази пофалба и поддршка за „секоја искрена мировна иницијатива“, додавајќи дека „непрекинато се залагаме преку меѓурелигиска соработка за истакнување и практикување на миротворната улога на религиите“.
– Фундаментализмот го сметаме за изопачување на религиозното искуство, а не за појава што е суштински поврзана со верата. Вистинската вера е најстрогиот судија на религиозниот фанатизам и нетолеранцијата, нагласи вселенскиот патријарх.
Додаде дека мировната проповед на Светата Голема Христова Црква „не е утописка ниту реторичка“, но и дека во јавниот дискурс на меѓународно ниво доминира геополитички и геоекономски пристапи, од анализи на т.н. „сооднос на силите“.
– Факт е дека современата верзија на т.н. Realpolitik целосно го надвладеа меѓународното право, па дури и самата Повелба на Обединети нации, која се темели на главниот принцип на мирно решавање на споровите. Православниот говор за мир очигледно ја надминува историјата како спасоносен говор, но самата историја од своите рани и искуства извлекува јасни и поучни лекции, истакна Вартоломеј.
По обраќањето, вселенскиот патријарх беше одликуван со Златниот медал на Парламентот на Грција, што му го додели претседателот на Парламентот Никитас Какламанис.
мај 6, 2026

