Connect with us

Вести

Клучните историски настани да бидат лекции за сегашноста и иднината – порака од панелот „Моментот на основање на Европа: Зошто беше основана ЕУ и што таа значи денес“

Случувањата во минатото, клучните историски настани, пред се оние поврзани со основањето на Европската Унија, со што се стави крај на еден мрачен период од Втората светска војна, треба да бидат лекции за сегашноста и иднината за земјава, регионот, но и пошироко. Примерите за надминувања на несогласувањата меѓу државите од пред 70-80 години да се применат денес, особено во регионов, во кој се уште има спорови кои треба да се надминат и кој секако припаѓа на ЕУ и географски и вредносно, беа дел од заклучоците на денешната панел-дискусија на тема „Моментот на основање на Европа: Зошто беше основана Европската Унија и што таа значи денес“, како прв настан од серијата „Дијалог за историја и стратегија“, во организација на Институтот за национална историја – Скопје, а во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Дискусијата опфати неколку клучни прашања релевантни за разбирање на современите европски и глобални случувања: историските темели на ЕУ и нејзината оригинална стратешка цел, улогата на историјата во обликувањето на денешната европска безбедносна архитектура, предизвиците со кои се соочува ЕУ во средина на зголемена геополитичка конкуренција, лекции од минатото и нивна примена во спречувањето на идните конфликти, како и позицијата на малите држави во современиот европски и светски поредок.

Директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов истакна дека целта на серијата панел дискусии што ги иницираат е да се подигне свесноста дека тоа што се случува во минатото секогаш треба да биде лекција за сегашноста и иднината.

– Институтот иницира серија панел дискусии со цел да го акцентираме фактот дека историјата е дел од она што ни се случува денес, односно дека тоа што се случува во минатото секогаш треба да биде лекција за сегашноста и иднината. Од аспект на симболиката за првата сесија што ја инцираме денес е земено основањето на Европската Унија и што можеме од тоа досегашно искуство на ЕУ да го осознаеме и преку историјата и минатото да дадеме порака како понатаму подобро да функционира општеството, нациите да се разбираат подобро, да се избегнат катастрофите и војните, односно да научиме од последниците кои ги оставиле војните – истакна Панов.

Тој додаде дека впрочем и ЕУ е основана со цел да се надминат тие антагонизми меѓу државите, нациите во тоа време и додаде дека симболиката што сакаат да ја постигнеме е дека тој проект и натаму треба да се развива со цел сите држави во регионот да се интегрираат, вклучително и Македонија.

Во однос на спорот на земјава со Бугарија, Панов нагласи дека целта на оваа дискусија поинаква, односно фокусот е на европските практики во ЕУ и како тие би можеле да влијаат и на односите меѓу Македонија и Бугарија. Тој додаде дека во таа насока историјата треба да биде потсетник за она што претходно се случувало и за тоа како треба да гледаме на иднината.
Координаторот на иницијативата „Дијалог за историја и стратегија“, Зоран Иванов изјави дека дискусијата е посветена на клучни историски настани, кои што се одразуваат на денешницата и го оформуваат денешното живеење и тензиите со кои што се соочуваме.

-Главната идеја е бидејќи имаме историски настани од кои навистина можеме да научиме, а додека се носат стратешки одлуки мора да бидат базирани врз основа на некој темел, на нешто што претходно се случило во историјата, тоа да ни даде алатка за да можеме да носиме правилни одлуки, да не се прават грешки во исклучително тензичното време во кое живееме. Иницијативата почнува денеска со комбинација на дипломатскиот кор со академијата, тоа е еден правилен спој кој ќе ни даде различен пристап на работите денес – истакна Иванов.

За тоа дали иницијативата би можела да преставува некаква логистика на Македонско-бугаската историска комисија, Иванов рече дека оваа активност не е поврзана со Комисијата и нејзината работа, туку има своја цел да се донесе различен пристап кон гледање на работите и не е поврзано ниту со Бугарија, ниту со Грција, ниту со кој било друг договор што го имаме.

Раководителот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) за С. Македонија и Косово, Даниел Браун рече дека основањето на ЕУ го трасирало патот за помирување во Европа, особено по Втората светска војна.

-Ние сме политичка фондација, која го носи името на Конрад Аденауер, еден од основачите на ЕУ, неговиот придонес и посветеност на проектот сметам дека ги турна напред тоа што ние денес го имаме како Унија од 27 земји и затоа е мошне интересно подлабоко да се види што се случило во тоа време, како се надминале конфликтите стари речиси еден век меѓу соседите, кои денес имаат граница, која повеќе не е линија на разделување, туку на поврзување, особено во регионот на Европа – нагласи тој.

Браун додаде дека во регинонот се уште има билатерални спорови, кои треба да се надминат, а за тоа добар пример може да бидат случувањата пред 70-80 години.

Италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери истакна дека имајќи предвид дека овој месец е посветен на Европа, овој настан има цел да се подигне свесноста за важноста на ЕУ, како и зошто е креирана, како пример кога во текот на Втората светска војна и по неа, во најмрачните моменти на историјата, луѓето од различни држави, меѓу кои и Италија ја иницирале идејата за ЕУ базирана на принципите на солидарност, слобода и еднаквост.

-Тој момент беше во сржта на движењето на отпорот во Италија, оваа идеја за паневропска Унија. Треба да останеме лојални на тие вредности и верувам дека денес има друг важен принцип кој треба да се почитува, а тоа отвореноста кон други земји. Проширувањето е уште еден принцип, кој е во самата суштина на ЕУ и посветеноста на сите земји кои членуваат во ЕУ сите тие носта нешто ново, нивната традиција, нивните геостратешки интереси, нивната економија – рече Палминтери.

Тој додаде дека со нетрпение го очекува моментот кога Македонија ќе ја даде својата вредност во ЕУ.

Шпанскиот амбасадор Рафаел Соријано Ортиз напомена дека историјата е нешто што го гради идентитетот и таа треба да се изучува, но додаде дека историјата треба да им ја оставиме на историчарите, а дипломатите треба да се фокусираат на можностите и потенцијалите.

-Земајќи го примерот на мојата земја, која стана членка во тоа време на Европската економска заедница, оваа 2026 година одбележуваме 40 годишнина од нашето членство во ЕУ и сето тоа ни зема доста време, повеќе од десет години преговори, ви гарантирам дека има период пред и по членството. Европскиот проект е поттикнувач на благосостојбата за државата, нацијата, граѓаните – нагласи амбасадорот на Шпанија.

Тој додаде дека европскиот проект не е само пазар, место за тргување продаваање, купување, туку е и заедница на вредности, базирани на владеење на правото, човекови права.

Шпанскиот амбасадор истакна дека земајќи ја предвид историјата на Шпанија и придобивките од членството во ЕУ, не гледа подобра опција за државава, освен да го следи патот и да станете членка на ЕУ што е можно поскоро.

Серијата „Дијалог за историја и стратегија“ има за цел да отвори критичка и структурирана дискусија за врската помеѓу клучните историски настани и нивното влијание врз денешната стратешка и безбедносна средина.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4