Технологија
„Масерати“ слави јубилеј: Еден век од легендарниот „трозабец“
Оваа година, италијанскиот производител на луксузни автомобили „Масерати“ одбележува 100 години од својот познат знак „Тридент – неговиот симбол, идентитет и синоним за италијанскиот луксуз, перформанси и тркачко наследство од 1926 година.
Јубилејот се случува во годината што, исто така, одбележува еден век од првата голема победа на брендот на познатата трка Тарга Флорио, каде што Алфиери Масерати зад воланот на возилото „Типо 26“ постигна историски резултат и отвори ново поглавје за компанијата со седиште во Модена. Инспириран од Фонтаната на Нептун во Болоња, „Тридент“-знакот наредните десетлетија прерасна во глобален симбол на италијанската автомобилска индустрија. Во текот на еден век, овој симбол ги придружуваше најважните успеси на „Масерати“ – од победите на Индианаполис 500, преку титулата на Хуан Мануел Фанџо во Формула 1 во 1957 година, до модерните ГТ-првенства и моделите како што се „МЦ-12“ и „ГТ-2“, се вели во соопштението на „Масерати“.
Оригиналниот дизајн на логото „Тридент“ во 1926. го создаде Марио Масерати, единствениот член на семејството кој не беше директно вклучен во развојот на автомобилот, туку уметник.
Со текот на годините, логото претрпе промени – од првичниот правоаголен знак, преку препознатливата овална форма со боите на Болоња, до посовремените толкувања што го придружуваа развојот на брендот. Особено важен момент се случи во 2020 година со презентацијата на моделот „МЦ-20“, започнувајќи нова ера на дизајнот на „Масерати“. Со тоа, „Тридентот“ доби посовремен и елегантен изглед, задржувајќи ги клучните елементи од историскиот идентитет на брендот.
По повод годишнината, „Масерати“ лансираше нова глобална кампања којашто, преку спој од историски и современи модели, ја покажува еволуцијата на брендот и неговиот идентитет. Во центарот на приказната се моделите „Типо 26“, „Гибли“ и „МЦ-12“, заедно со денешните автомобили како што се „Грантурисмо трофео“, „Гречале трофео“ и „Ем-це-екстрема“, коишто симболично ги поврзуваат минатото и иднината на „Тридентот“.
Видеокампањата е создадена со употреба на 3-Д анимација и вештачка интелигенција, со оригинално компонирана музика и слоганот „100 години Тридент“, каде што зборот „Рајд“ (возење) е особено нагласен како референца на спортското и емотивно искуство во возењето што „Масерати“ го негува веќе еден век. Можеби една од најемотивните подробности на кампањата е пресоздадениот глас на Марија Тереза де Филипис (1926 – 2016) – првата жена што во 1958 година се квалификувала и возела трка во Формула 1 – зад воланот на „Масерати 250-ф“. Благодарение на ВИ-технологијата, нејзиниот глас повторно е дел од приказната за наследството на „Тридентот“.
април 30, 2026

