Connect with us

Забава

Јапонските астрономи основаа група за потрага по вонземјани

Јапонски астрономи основаа прва организација во земјата, задолжена за потрагата по вонземен живот, а првите истражувања на радиосигнали се закажани за следното лето.

– Тие сигурно постојат некаде во вселената. Возбуден сум што ова го претвораме во конкретна акција, изјави Шинја Нарусава, експерт за астрофизика и претседател на јапонското друштво за СЕТИ (потрага по вонземска интелигенција), пренесоа јапонските медиуми.

Нарусава (61 година), важи за водечки експерт во областа на СЕТИ. Иницијативата ја почнал во април, собирајќи тим од десет астрономи и истражувачи од различни опсерватории во Јапонија. Според планот, во август следната година ќе бидат спроведени набљудувања насочени кон соѕвездието Стрелец, во опсерваторијата Мисато во западна Јапонија. Активностите се организираат по повод 50-годишнината од откривањето на радио сигналот што се смета дека може да има потекло од вселената.

Таканаречениот „Wow!“ сигнал бил регистриран во 1977 година од телескоп на Универзитетот Охајо Стејт во САД и потекнувал од правецот на соѕвездието Стрелец. Овој сигнал и денес се смета за еден од најсилните кандидати за можен вонземски радиопренос забележан досега. И покрај тоа што сигналот и понатаму се анализира во научните кругови во САД како потенцијален доказ за постоење на вонземска интелигенција, неговото точно потекло останува нерешена научна мистерија.

„Ќе упатиме повик до светската научна заедница да спроведе концентрирани набљудувања во правец на изворот на радиобрановите“, соопшти организацијата преку својата официјална веб-страница. Целта на иницијативата е да се изгради национална мрежа на антени во Јапонија, со што би се овозможило континуирано набљудување на вселената. Според научниците, ваквиот постојан мониторинг би можел значително да ја зголеми веродостојноста на идните истражувања.

– Нашата цел е на крај да создадеме истражувачка мрежа во Јапонија споредлива со онаа во САД. Се надевам дека јавноста ќе дознае повеќе за нашите напори во потрагата по вонземски цивилизации и дека тоа ќе нè поттикне да размислиме и за состојбата на нашата планета, на која сè уште се водат војни меѓу луѓето, заклучи Нарусава. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 4