Connect with us

Општини

Саздева: Рекорд на пријавени учесници на Бадникови поворки, се вклучува и дијаспората

Во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и младите е сè пократко, дека тие сè повеќе се оддалечуваат од вистинските вредности, Бадниковите поворки сведочат за нешто сосема спротивно. Оваа година повторно го надминуваме сопствениот рекорд со бројот на пријавени учесници – во повеќе од 80 градови, општини и населени места низ нашата држава, како и со активно вклучување на македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави.

Ова во изјава за медиуми го подвлече Марија Саздева, еден од координаторите на Здружението Бадникови поворки.

-Она што особено нè радува е фактот што денес веќе не е потребно дополнително да ги поттикнуваме општините да организираат работилници за изработка на бадниковите ѕвездички, да ги обединуваат децата преку проби или хуманитарни акции. Тоа стана природен дел од заедниците. Бадниковите поворки прераснаа во најголема божикна манифестација во регионот, онака како што беше и нашата првична најголема желба, денес веќе поддржана и од Министерството за култура, Град Скопје и сите општини во Републиката, истакна таа. 

Затоа, додаде, оваа година фокусот е уште повеќе насочен кон збогатување на програмата, приближување до децата и создавање простор и време за најранливите категории граѓани. Притоа нагласи дека во рамки на активностите во овој период, интензивно се реализираат посети на домови за стари лица, институции… 

Патем информираше дека планирани се и флешмоб-акции, што, рече, ќе ја раздвижат празничната атмосфера и ќе внесат радост и топлина во секојдневието, кое под бремето на секојдневните проблеми честопати и не е радосно.

-Што се однесува до конкретната манифестација на 6 јануари, централно место во програмата зазема Божикната авантура – голема сценска изведба што оваа година ќе биде дел од бадниковата манифестација на 6 јануари од 12 часот на плоштад Македонија во Скопје, во која учествуваат повеќе од 40 актери, музичари, пејачи и детски хор. Во периодот што следува – овој мјузикл ќе биде прикажан и во Кочани, каде повеќе од кога било, е потребно да насочиме ресурси за враќање на светлината, соопшти Саздева. 

Таа појасни дека под уметничко раководство на актерот Владо Дојчиноски, оваа година се реализира и божикен серијал од четири кратки приказни наменет за најмладите, кој преку традиционалните медиуми и дигиталните платформи ќе ја пренесе пораката за значењето на Рождеството Христово.

-Покрај тоа, подготвен е и нов музички запис за песната „Вечниот Бог“, изведен од „Златните славејчиња“, со цел да служи како едукативна алатка за сите образовни центри, здруженија и организации што работат со деца и ја пренесуваат божикната традиција на новите генерации, информираше таа. 

Беше претставено и иновативното решение на дизајнерот Ангел Мицевски за Божикната ѕвезда да може да се отвора и затвора со еден едноставен механизам, со што, како што беше нагласено, им овозможува на семејствата да ја зачуваат и повторно да ја користат во годините што следат. Ова решение ја носи пораката, подвлече таа, дека Божикната радост не е момент, туку вредност што се негува и се пренесува.

Покрај тоа, беше претставен и уште еден симболичен подарок што оваа година ќе го понесат семејствата од Бадниковите поворки – уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш. Магнетот е осмислен како мал, но значаен потсетник, нагласи таа, што ќе остане присутен во секој дом во текот на целата година и ќе ја буди спомената радост од Бадник и Божик. Со секој магнет, семејствата ќе добијат и божикна порака, подвлече, како тивок, но, силен потсетник на суштината на празникот – љубовта, заедништвото и светлината што ја носиме во секој од нас.

Беше ставен посебен акцент и на Божикната пештера. 

-Претставува едно навистина импресивно уметничко дело, каде што се спојуваат традицијата, духовноста и современиот израз. Пештерата е изработена од брачниот пар Зоран и Македонка Тошески и веќе втора година по ред го привлекува вниманието на јавноста и на медиумите. Станува збор за дело што со својата естетика и вредност се издвојува како едно од најубавите и највпечатливи божикни решенија во регионот. Возобновени се и две древни каланди – првата е божикната „Сношти Христос се роди“, а втората е стара новогодишна што ќе биде објавена во пресрет на Василица. Овие каланди се дел од богатото традиционално наследство и се песни што со години ги изведуваме на манифестациите, но, сега добиваат и траен музички запис, со што стануваат дел од културното наследство што ќе остане зачувано и за идните генерации. Едната од нив добива и видео-спот, реализиран во режија на Дејан Пројкоски во соработка со Стојан Стојановски, вистинско ремек-дело на овој уметнички двоец, беше споделено на градскиот плоштад во Скопје. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1