Општини
Во пештерата Самотска Дупка на Галичица утврдена хибернациска колонија лилјаци од видот мал потковичар
Тим на Македонското еколошко друштво (МЕД), во соработка со Национален парк „Галичица“, во текот на вчерашниот ден ја посети пештерата Самотска Дупка на Галичица, каде е спроведен зимски мониторинг на лилјаци. За врема на посетата и извршениот мониторинг на биодиверзитетот утврдена е досега најголемата хибернациска колонија лилјаци на видот мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) во Преспанскиот регион, со околу 90 единки. Во пештерата се изброени и повеќе единки од видовите голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum) и остроушест лилјак (Myotis blythii), информира Македонското еколошко друштво.
– Во Европа постојат 55 видови на лилјаци, од кои 30 се присутни во Македонија. Овие мали, но важни животни се активни во топлите месеци, а по настапувањето на студеното време и намалувањето на достапноста на храна – тие се засолнуваат во зимските засолништа и паѓаат во хибернација, до првото пролетно затоплување, посочија од МЕД.
Лилјаците се една од најзагрозените групи на животни, а најголемите закани се предизвикани од човечките активности како што се сечењето на шумите, сушењето на водните површини, прекумерната употреба на пестициди, нарушување на нивните живеалишта и ловот. Меѓутоа, лилјаците воопшто не претставуваат опасност за луѓето, а напротив, играат важна улога како природни регулатори на инсектите. Без нив, популацијата на штетни инсекти може значително да се зголеми, што доведува до штети на земјоделските култури, шумите и дури можен пренос на несакани болести.
Минторингот на лилјаци во Преспа се спроведува како дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.
декември 23, 2025


