Connect with us

Општини

Штипјани деновиве дишат загаден воздух, ветерот стивна, се појави маглата

Иако Штип во текот на годината важи за еден од почистите градови – токму благодарение на честите ветрови што го разнесуваат загадувањето – последните десет дена ситуацијата е поинаква. Штипјани деновиве дишат загаден воздух бидејќи ветерот го нема и се појави маглата во градот. Според податоците од мерната станица на лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во овој период е забележано надминување на 24-часовните концентрации на ПМ честичките, а истовремено е надминат и дозволениот број денови со прекумерно загадување.

Како што информира Бобан Самарџиски од лабораторијата АМБИКОН, во Штип досега се регистрирани 41 ден со пречекорување на дозволените дневни концентрации на штетни честички.

-Во моментот периодот е интересен со тоа што немаме струење на воздухот, односно се јавува таа инверзија и со појавата на температурната инверзија топлиот воздух се наоѓа погоре, а ладниот воздух е долу и со тоа маглата го стиска воздухот надолу, со што се создаваат уште повисоки концентрации, појаснува Самарџиски.

Тој посочува дека просечната концентрација ПМ честички сепак е многу пониска и е во рамки на дозволените вредности. Како една од главните причини за загадувањето, експертите го посочуваат затоплувањето со дрва, кое значително ги зголемува концентрациите на ПМ честички, а дополнително влошување нвалитетот на воздухот предизвикува и временската состојба.

Загадениот воздух во Штип почна да ги полни и амбулантите, граѓаните се жалат на проблеми како болка во грлото, кашлица, малаксаност. Лекарите предупредуваат непотребно да не се излегува надвор, а доколку за тоа има потреба да се користат заштитни маски.

-Препораките се оние кои имаат потреба, особено луѓе кои имаат проблеми со респираторни болести, како и лицата со кардиоваскуларни заболувања и децата да не се движат непотребно. Ако сепак обврските и нивните потреби бараат да се движат да биде тоа со заштитна маска, вели Валентина Митрова лекар специјалист по семејна медицина.

АМБИКОН при УГД-Штип пред три месеци своја мерна станица постави и во Делчево.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4