Connect with us

Вести

Судење за Ѓоко Ристов: Обвинителството не гледа суштински пропусти во ДНК-експертизата, одбраната тврди дека е можна контаминација

Обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека денешното вешто мислење презентирано од одбраната во судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов не содржи наоди што суштински ги доведуваат во прашање ДНК-експертизата и трагите од биолошко потекло, кои, според Обвинителството, се поврзани со обвинетиот.

Во изјава за медиумите по денешното рочиште против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, Хаџи Василева рече дека одбраната се однесува на прибирањето на трагите и пропустите што се таму.

– Меѓутоа, ништо суштинско, со што реално се дискредитира експертизата дадена во однос на трагите од биолошко потекло кои се на Ѓоко Ристов – обвинетиот, а пронајдени на фолиите и на материјалот подигнат од местото – одговори таа на новинарско прашање.

Прашана како го оценува денешното вештачење на Атанас Козарев, предложено од страна на одбраната, оцени дека тоа, како што рече, „не може да се нарече вештачење“.

– Денеска, во судницата имавме технички советник, но тоа што го има изготвено не може да се нарече вештачење. Самиот тој го крсти како наод и стручно мислење и заклучоци. И тоа е, на крајот на краиштата, и доследно. Зошто? Бидејќи ова е осврт кон постапувањето на овластените службени лица на местото кога е вршен претресот. Тоа не е стручен наод со кој се дискредитира или пандан на она што е вештачење на трагите од биолошко потекло, што е доказен материјал од страна на Обвинителството – одговори обвинителката.

Хаџи Василева рече дека профилот на овој технички советник не може да врши вештачење на ДНК-траги. 

Надвор од темата, таа беше прашана и што било клучно за да се даде мислење за Стојан Чифлигароски да излезе од притвор и да замине во куќен притвор.

– Јас, како обвинител, не сум предметен обвинител во тој предмет и не е мое мислењето што сме го дале. Од она што следев во медиумите, имаме одлука од судот. Деталите не ги знам, меѓутоа, има предметен обвинител. Доколку сакате подетални прашања, секако, Обвинителството ќе ви ги одговори – додаде Хаџи Василева.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на Ристов, исто така во изјава за медиумите, беше прашан за денешното сведочење на вештото лице, при што одговори дека не се почитувани стандардите за обезбедување на ДНК-трагите.

– Тој не го оспорува ДНК-вештачењето, кое е неоспорно, но го оспорува начинот на кој се обезбедени ДНК-трагите и дека постои реална можност од нивна контаминација. Значи, тој го оспорува материјалот што е вештачен затоа што според стандардите што требало да бидат применети, а и оваа држава е потписник на истите протоколи, не се почитувани – рече адвокатот.

Со испитување на вештото лице во областа на криминалистиката, Атанас Козарев, во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Според вештакот, при обезбедувањето на доказниот материјал не биле применети стандардните процедури и постоела реална можност за внесување или пренос на туѓа ДНК.

Како што изјави вештакот, предмет на неговата стручна анализа биле начинот на постапување на овластените службени лица за време на претресот, извршен на 18 јануари 2026 во Неготино, од аспект на постапување со фолиите и банкнотите каде што биле пронајдени, отворани, раздвојувани, означувани и пакувани.

Козарев при сведочењето изјави дека првпат гледа со доказен материјал да се постапува на начин на кој алуминиумските фолии се отвораат и раздвојуваат, се губи врската меѓу нив и се оставаат на подот, што, според него, укажува на непознавање на основните процедури за ракување со докази. Според вештото лице, на подот можело да има биолошки материјал од повеќе лица и да дојде до контаминација.

Следното рочиште е најавено за 9 декември.

Ad
Ad