Connect with us

Вести

Клековски: Не ни се потребни нови стратегии и документи, туку подобро организиран систем со јасни одговорности

Министерот за здравство Сашо Клековски објави дека заедно со претставникот на Светската здравствена организација, д-р Аким Али, и директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, ја отворил националната работилница за прелиминарните наоди од анализата на есенцијалните јавноздравствени функции.

Анализата покажува дека основата постои – институции, законска рамка, национални програми и стручни капацитети. Предизвикот е во нивното поврзано и координирано функционирање, напиша Клековски на својот фејсбук-профил.

Тој наведува дека во обраќањето посочил три приоритети: интегриран здравствен информациски систем – поврзани податоци од матичните лекари, болниците, лабораториите и Институтот за рано откривање на ризиците и навремено одлучување, посилна превентивна улога на Институтот и на центрите за јавно здравје, со континуитет од скрининг до дијагноза и лекување, модернизација на законската рамка и јасна координација меѓу институциите при јавноздравствени ризици.

Не ни се потребни нови стратегии и документи, туку подобро организиран систем со јасни одговорности. Од работилницата очекуваме ограничен број реални мерки – за секоја да знаеме која институција е одговорна, во кој рок и како ќе го измериме резултатот, објави Клековски и изрази благодарност до Светската здравствена организација за поддршката и до сите учесници од институциите, академската заедница и граѓанските организации.

Ad
Ad