Connect with us

Свет

Протести во Виена: Бибер-спреј и приведувања, демонстрантите се обидоа да влезат на Универзитетот

„Една опција – револуција!“, „Младинска иднина, социјализам“ и „Палестина ќе биде слободна“ се дел од паролите што претпладнево одекнуваат пред Универзитетот во Виена, каде што почна меѓународниот младински штрајк против војните, милитаризацијата и капитализмот. Како што јавува специјалниот известувач на МИА од Виена, дел од демонстрантите се обидоа да влезат во универзитетската зграда, но беа пречени од полицискиот кордон.

Се засилува полициското присуство, а неколку лица се приведени. За да ги растера младите демонстранти полицијата употреби солзавец или бибер спреј.

Покрај знамињата со пораки за младинска борба, на протестот е поставен и штанд на Револуционерната комунистичка партија. Демонстрантите извикуваат и пароли „Rob the rich, arm the poor“ (Одземете им на богатите, вооружете ги сиромашните) и „Social justice means civil war“ (Социјалната правда значи граѓанска војна). Протестот има изразен антимилитаристички и антикапиталистички карактер.

Младинскиот штрајк е дел од европскиот ден на акција и меѓународниот младински штрајк што денеска се одржува во повеќе од 25 европски земји. Средношколците и студентите се повикани да ја прекинат наставата и да излезат на улиците под заедничкото мото „За нашата иднина, против нивните војни“.

По собирот пред Универзитетот, демонстрантите треба да се упатат кон Австрискиот парламент. За попладне е најавен и протест на плоштадот Кристијан-Брода под мотото „Стоп за повторното вооружување на Европа“.

Организаторите и учесниците се против плановите на Европската Унија за повторно воено вооружување во вредност од 800 милијарди евра, предупредувајќи дека зголемувањето на воените буџети значи и пренасочување на јавните средства од потребите на граѓаните.

Младите бараат милијардите од државните буџети да се инвестираат во образованието, заштитата на климата, социјалната сигурност и достапните станови, наместо во оружје и одбранбени капацитети. Тие исто така бараат почитување на уставно загарантираната неутралност на Австрија и промовирање мирна дипломатија наместо воена ескалација

Протестот е организиран од широка коалиција на студентски сојузи, климатски активисти и организации на граѓанското општество, меѓу кои „Стоп за повторното вооружување на Европа – Австрија“ (Stop ReArm Europe Austria), „Атак Австрија“ (Attac Österreich), „Петоци за иднината на Австрија“ (Fridays For Future Austria), Австрискиот студентски сојуз (ÖH Uni Wien) и младинското движење „Генерација Зет“ (GenZregelt).

Денешната акција е трет младински протест во Виена од мај годинава, а организаторите очекуваат поголема масовност во однос на претходните два собира.

Австриските студенти во мај протестираа по најавата на владата за намалување на финансирањето на јавните универзитети во периодот од 2028 до 2030 година. Протестот под слоганот „Спасете ги универзитетите“, организиран од Австриската национална студентска унија, Конференцијата на универзитетите и синдикатите на вработените, привлече околу 40.000 учесници.

Ad
Ad