Connect with us

Свет

Белата куќа го разреши службеникот надлежен за кибер-безбедност по серијата технички прекини во САД

Шон Кернкрос, службеникот на Белата куќа задолжен за кибер-безбедност, е разрешен од функцијата, само неколку дена откако технички проблеми го погодија воздушниот сообраќај, банкарскиот сектор и системите за национална безбедност во САД.

Кернкрос беше задолжен за надзор над политиките и стратегијата за кибер-безбедност на ниво на целата федерална влада. Според светските агенции, неговите обврски привремено ќе ги преземе Кирстен Дејвис, главна информатичка службеничка во Министерството за одбрана.

„Претседателот целосно ја поддржа одлуката Шон Кернкрос да биде разрешен од функцијата“, изјави претставник на Белата куќа кој инсистирал на анонимност. Кернкрос не сакал да го коментира своето заминување.

Технички прекини се случуваа во текот на изминатата недела, меѓу кои и целосен прекин на воздушниот сообраќај низ земјата, дефект во системите на „Мајкрософт“ што ги погоди услугите за електронска пошта, како и привремен прекин на мрежата на американската Агенција за национална безбедност (НСА).

Администрацијата на Трамп се соочи со критики поради реакцијата на тие прекини. Високопоставен претставник на американската разузнавачка служба во средата изјави дека проблемите со критичните системи во текот на изминатата недела биле одделни прекини на услугите поврзани со одржување и технички промени, а не координиран напад или напад спонзориран од држава.

Политичкиот портал „Аксиос“ и претходно објави дека Кернкрос ја напушта функцијата. Според порталот, тој заминува во добри односи со американската администрација. 

Ова е уште едно заминување од администрацијата на Доналд Трамп по изборниот пораз на републиканците на неодамнешните меѓуизбори. Претходно, на 5 ноември, оставка поднесе и шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс.

Ad
Ad