Скопје
Се менуваат оштетените плочки на влезот од скопската чаршија
По години негрижа се менуваат плочки во Старата скопска чаршија, секаде каде што има оштетени и искршени се заменуваат со нови плочи од травертин, соопшти Град Скопје. Увид во работните активности за санација на влезот на чаршијата денеска изврши градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека чаршијата е живата историја на Скопје.
-Еден од симболите на градот и едно од првите места што ги посетуваат туристите кога ќе дојдат во нашиот град. Затоа е важно уште самиот влез да биде уреден и достоен. Многумина од вас ми пишаа за искршените плочки на влезот во чаршијата. Со право укажавте дека првата глетка што ги пречекува скопјани и илјадниците туристи треба да биде достојна за местото во кое влегуваат. Денес почнавме со работа. Со оваа санација решаваме конкретен проблем за дуќанџиите, скопјани и посетителите. Чаршијата им ја должиме на генерациите мајстори што секое утро ги отворале дуќаните и со своите раце му давале живот на Скопје. Наша одговорност е да ја чуваме за нивните внуци и за нашите деца – истакна Ѓорѓиевски.
ноември 19, 2026

