Свет
Ле Пен ветува порано пензионирање и основање нов фонд
Крајнодесничарската кандидатка за претседателка на Франција Марин Ле Пен денеска изјави дека ќе ја откаже пензиската реформа на актуелниот француски претседател Емануел Макрон која ќе им овозможи на стотици илјади француски работници порано да заминуваат во пензија и ќе формира нов пензиски фонд вреден 900 милијарди евра.
Ле Пен, која според анкетите води во трката за претседател, ги изложи своите планови за пензиската реформа во обид да ги убеди инвеститорите дека може да го усогласи едно од своите најпопуларни ветувања со воведување ред во јавните финансии.
Францускиот пензиски систем е еден од најдарежливите меѓу индустријализираните земји и претставува голем товар за јавните финансии на оваа презадолжена земја. Ле Пен истакна дека системот треба да се поправи за да се зачува, но во исто време е можно да им се овозможи на работниците да се пензионираат порано.
„Ги слушам оние кои се прашуваат дали францускиот социјален модел сè уште ќе постои кога ќе се пензионираат. Оваа реформа е ветување за иднината и чин на доверба во францускиот модел“, рече таа на прес-конференција.
„Стотици илјади работници ќе се пензионираат порано добивајќи две до три години во споредба со она што би го наметнала реформата (на Макрон)“, додаде Ле Пен.
Со анкетите што укажуваат на можна победа на претседателските избори напролет, партијата Национален собир (RN) се соочува со зголемен притисок детално да објасни како планира да го намали буџетскиот дефицит без да се откаже од ветувањата дадени на гласачите од работничката класа. Меѓу нив е овозможувањето пензионирање веќе на 60-годишна возраст за оние кои рано почнале да работат.
Пензиите претставуваат најголема ставка од јавните расходи во Франција. Претходните влади се бореа да ги ограничат тие трошоци без да предизвикаат силен јавен отпор.
Ле Пен предложи формирање пензиски фонд вреден 900 милијарди евра, кој би се акумулирал во текот на една генерација, покрај постојниот систем за финансирање на пензиите, заснован на принципот на меѓугенерациска солидарност.
Фондот би бил управуван од јавно финансиско тело, Фонд за депозити, а целта би била да се постигне просечен годишен принос од четири до шест проценти.
„Ќе ја укинеме една од последните привилегии во нашата земја: привилегираниот пристап до финансиски услуги што го збогатува малцинството денеска… и во исто време ќе го подобриме финансирањето на нашата национална економија“, рече таа.
Работник кој ќе ја започне својата кариера во 2028 година, според претседателот на нејзината партија Џордан Бардела би можел да очекува исплата од просечно 70.000 евра од тој фонд кога ќе се пензионира.
Меѓутоа, инвеститорите и економистите се прашуваат дали целите се компатибилни со ветувањето на РН да ја поништи реформата на Макрон од 2023 година, со која се зголеми возраста за пензионирање од 62 на 64 години.
Франција има една од најниските законски дозволени возрасти за пензионирање меѓу развиените економии, моментално 62,9 години, и еден од најдолгите просечни животни векови.
РН сè повеќе го нагласува бројот на години работа пред работниците да добијат право на целосна пензија, наместо законската возраст за пензионирање, во обид да ги ограничи трошоците.
Работниците би можеле да се пензионираат помеѓу 60 и 62 години ако платат 40 до 42 години придонеси, во зависност од тоа колку рано влегле на пазарот на трудот. Сепак, многу високообразовани граѓани веројатно би продолжиле да работат во 60-тите години.
Бардела рече дека партијата исто така сака да создаде финансиски стимулации за работодавците да ги задржат постарите работници на работа подолго.
ноември 18, 2026


