Connect with us

Вести

Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ги прими новоименуваните директори на универзитетските клиники за гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија и пластична и реконструктивна хирургија.

За директор на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија е именуван вонр. проф. д-р Владимир Андреевски, специјалист интернист и супспецијалист гастроентерохепатолог, раководител на одделот за ендоскопија при Клиниката и генерален секретар на Македонското здружение за гастроентерохепатологија. Автор е на над 120 рецензирани труда во домашни и меѓународни списанија, со експертиза во интервентната ендоскопија и ЕРЦП, соопшти Министерството за здравство.

За директор на Универзитетска клиника за дигестивна хирургија е именуван асс. д-р Панче Караѓозов, специјалист по дигестивна хирургија, со стручно усовршување по лапароскопска хирургија во Виена и Истанбул и активно учество на меѓународни конгреси од областа на колопроктологијата и хепатобилијарната хирургија.

За директор на Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија е именуван асс. д-р Благоја Србов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, асистент на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје и еден од основачите на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија (MARM).

Министерот Клековски им честиташе на именуваните и им посака успешна работа нагласувајќи ја очекуваната одговорност во водењето на трите клиники – стабилно и предвидливо работење, воведување нови методи и постапки, скратување на листите на чекање и зголемена доверба на пациентите.

Претходно тој ги прими и досегашните директорки проф. д-р Мери Трајковска и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, на кои лично им се заблагодари за соработката и за постигнувањата во водењето на клиниките. Благодарност упати и до досегашниот директор на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски. Проф. д-р Костовски и прим. д-р Ѓорѓиевска-Павловска со своите тимови беа на првата линија во справувањето со последиците од трагедијата во Кочани, а под раководство на проф. д-р Трајковска на Клиниката за гастроентерохепатологија беа воведени четири нови методи на лекување, информираат од Министерството за здравство.

Ad
Ad