Вести
Христовски: Телата што смее да вршат надзор во АНБ може да дојдат кога сакаат најавено или ненајавено
Сите надзорни тела што постојат во државата и во согласност со законот имаат право и обврска да го мониторираат работењето на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во секое време, со најава или без, може да дојдат и да проверат сè што им е дозволено со закон да проверуваат – вели директорот на оваа институција, Бојан Христовски.
Прашан за забелешките во европските извештаи во однос на надзорот на службите, истакна оти прашањето за нив треба да се достави до оние што треба да го извршат надзорот.
– Прочитав дел од забелешките во однос на надзорот на службите, но мислам дека тоа прашање треба да го упатите таму од каде што треба да доаѓа надзорот. Генерално, се мисли на граѓанскиот и на парламентарниот надзор. Во однос на тоа дали дали и како Агенцијата ги прифаќа иницијативите за надзор, би кажал дека не само што сме отворени за надзор туку лично јас и јавно неколкупати ги имам повикувано сите надзорни тела што постојат во државата и во согласност со законот имаат право и обврска да го мониторираат работењето на Агенцијата, во секое време, со или без најава, да дојдат и да го проверат сè она што законот дозволува да го проверат – рече Христовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МВР.
Во врска со процесот на реформи во службите во безбедносниот сектор во Македонија, Христовски истакна дека тоа е политички процес воден од Владата. Како што истакна, на сите побарани мислења од релевантни фактори во државата поврзани со овој процес одговориле во рамките на тоа колку како институција може да бидат дел од тој процес, кој, како што истакна, е доста сензитивен.
ноември 18, 2026


