Свет
Во Абу Даби почнаа разговорите на Украина со САД и ЕУ пред трилатералните раговори
Шефот на украинската делегација, Рустем Умеров, денеска изјави дека во Абу Даби започнал состанокот на украинската делегација со претставници на Европската Унија и САД, пред трилатералните преговори меѓу Русија, Украина и САД.
Трилатералните преговори ќе се одржат денеска и утре, зад затворени врати и без присуство на медиумите, изјавил за руски медиуми неименуван извор запознат со организацијата на состанокот.
Фокусот на разговорите ќе бидат безбедносните гаранции за сите страни, деескалацијата на конфликтот, хуманитарните прашања и следните чекори кон мирно решение.
Руската делегација ја предводи помошникот на претседателот на Русија, Владимир Медински, во неа се и заменик-министрите за надворешни работи Сергеј Рјабков и Михаил Галужин, началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Игор Костјуков и неговиот заменик, Јуриј Жигарловски.
Вашингтон ги смета безбедносните гаранции за Украина и повоените договори за едно од клучните прашања во процесот на решавање на конфликтот, а како медијатор се стреми да придонесе за постигнување договор прифатлив за двете страни.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно изјави дека идната архитектура на европската безбедност може да се дискутира по прекинот на огнот. Според медиуми во САД, американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер би можеле да патуваат во Русија на средба со претседателот Владимир Путин по преговорите, но таа посета се уште не е официјално потврдена.
ноември 10, 2026


