Connect with us

Регион

Во услови на студентски протести, Рама промовираше онлајн-платформа за директен дијалог со граѓаните

Во услови на продолжување на студентските протести во Тирана и во други албански градови, албанскиот премиер Еди Рама денеска ја претстави новата онлајн-платформа за директна комуникација со граѓаните наречена „Разговарај со премиерот“.

Преку новата платформа, албанските граѓани ќе можат 24 часа дневно да им поставуваат прашања на премиерот и на Владата, да споделуваат мислења и предлози или да пријавуваат проблеми.

Пристапот до платформата се остварува преку кориснички профил на државниот портал за електронски услуги „е-Албанија“. Пораките на граѓаните ќе ги разгледува специјализиран тим, кој ќе ги проследува директно до премиерот или до надлежните институции на кои се однесуваат, а ќе подготвува и збирни прегледи на добиените реакции.

При претставувањето на иницијативата Рама ја опиша како нов канал за дијалог.

„Ова е мостот што го изградивме за вас. Функционален мост, отворен 24 часа дневно, во кој специјализиран тим ќе ја гарантира размената на сите информации и мислења“, изјави Рама.

Тој посочи дека платформата овозможува дијалог во услови на протести, тензии, притисоци и обиди за попречување на комуникацијата, изразувајќи надеж дека со текот на времето ќе бидат надминати несогласувањата кои, како што рече, „создаваат вештачка поделба во општеството“.

Претставувањето на платформата доаѓа во услови на продолжување на студентските протести во Албанија, кои започнаа на 13 октомври поради незадоволство од лошите услови на универзитетите, високите трошоци за високото образование, недоволната финансиска поддршка за студентите и ограничените можности за вработување по дипломирањето.

Демонстрациите брзо прераснаа во антивладини протести со барања за оставка на Рама и за формирање техничка, односно преодна влада. Притоа дојде до судири со полицијата, подметнување пожари и предизвикување штета на јавни објекти и деловни субјекти, а стотици учесници беа приведени.

Во изминатите недели албанскиот премиер неколку пати повика на дијалог со демонстрантите, но тие засега ги отфрлаат неговите предлози.

Следниот масовен протест во Тирана е најавен за утре. На денешната прес-конференција поддршка за демонстрациите изрази и претседателот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, кој ги повика сите албански граѓани да им се приклучат на протестите за поддршка на студентите нагласувајќи дека победата на нивниот бунт е исклучително важна за иднината на Албанија.

Ad
Ad