Connect with us

Свет

Француските државни службеници најавија штрајкови и протести ширум земјата

Осум репрезентативни синдикати во Франција денеска ги повикаа државните службеници на штрајк и протести поради планираните намалувања на буџетот за 2027 година и побараа повисоки плати.

Синдикатите најавија повеќе од 150 демонстрации во 90 департмани. Главните протести треба денеска да почнат на Плоштадот на Републиката во Париз во 14 часот, а демонстрациите се најавени и во Марсеј, Лион, Лил, Стразбур, Тулуз, Рен и Нант.

Според процената на најголемиот синдикат на вработените во основните училишта синдикатот „ФДУ-СНУипп“ (FSU-SNUipp), околу 40 проценти од наставниците би можеле да штрајкуваат. Синдикатите на наставниците бараат и повторно автоматско адаптирање на вредноста на индексните поени кон инфлацијата, наведувајќи дека платите на наставниците во основните училишта заостануваат 24 проценти зад инфлацијата од 2010 година.

На штрајк повикуваат и синдикатите на наставниците во средните училишта, додека студентските организации најавија мобилизации и блокади на училиштата и универзитетите.

Вработените во јавниот превоз, во француската јавна служба за вработување, како и здравствените службеници и пожарникарите исто така, се придружија на штрајкот.