Свет
Франција предлага приходите од казните за „Гугл“ да ги намалат придонесите на земјите во буџетот на ЕУ
Европската Унија треба да ги искористи приходите од казните изречени на технолошкиот гигант „Гугл“ за соодветно намалување на придонесите што земјите членки ги уплаќаат во европскиот буџет – изјави денеска францускиот министер за Европа, Бенжамен Хадад.
– Тоа е нов извор на приходи за Европската Унија, вреден 4,6 милијарди евра, кој автоматски треба да ги намали националните придонеси на сите земји членки – истакна Хадад во интервју за телевизијата „Франсинфо“.
Оваа иницијатива доаѓа во време кога главните градови на земјите членки се сериозно поделени околу големината и приоритетите за трошење на следниот повеќегодишен буџет. Владите на членките во моментов преговараат за буџетската рамка за периодот од 2028 до 2034 година, при што се планирани самити во октомври, ноември и декември со цел да се постигне конечно компромисно решение до крајот на годината.
Европската комисија предложи идниот буџет да изнесува два трилиони евра (односно 1,26 отсто од бруто-националниот доход на ЕУ), од кои околу 168 милијарди евра би биле наменети за отплата на задолжувањето на ЕУ за фондот за економско закрепнување по пандемијата.
Компанијата „Гугл“ изминатиов јули беше казнета со дополнителни 890 милиони евра поради прекршување на европските правила за ограничување на монополската моќ на големите технолошки компании. Со овие најнови санкции, вкупниот износ на казните што ЕУ му ги има изречено на „Гугл“ поради антиконкурентно однесување во изминатите речиси две децении достигна 10,38 милијарди евра.
септември 29, 2026
