Свет
Зеленски пред Генералното собрание на ОН: Украинците не ја избраа војната, избраа да не умрат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, повикувајќи на продолжување на меѓународната поддршка и нагласувајќи дека Украинците ќе продолжат да се спротивставуваат на Русија. Тој истакна дека сите летни руски офанзиви пропаднале, а најави и остри противмерки доколку Москва продолжи со нападите врз украинскиот енергетски систем пред претстојната зима.
– Да, понекогаш може да изгледа дека Украина е фокусирана само на војната затоа што зборуваме за оружје, зборуваме за одбрана и за санкции против агресорот. Но, Украинците не ја избраа оваа војна. Ние избираме да не умреме, да не ја изгубиме нашата земја, нашите семејства, да не ги изгубиме нашата независност и слобода – рече Зеленски во своето обраќање.
Зеленски истакна дека, додека Москва продолжува со воените дејства, нејзиниот буџетски дефицит е поголем од кога било досега, а повеќето руски региони се наоѓаат пред банкрот. Притоа, тој додаде дека сите главни руски операции на фронтот ова лето беа неуспешни, а Украина веќе има капацитет да гаѓа воени фабрики длабоко на руска територија, дури и во Сибир.
– Ниту еден руски функционер никогаш не замислувал дека ’генералот Зима’, кој со векови се борел на страната на Русија, еден ден ќе ја смени страната и ќе ги поддржи оние што се бранат од Русија. Тоа ќе го направиме оваа зима доколку Русија продолжи да го напаѓа нашиот енергетски систем и нашето греење – предупреди украинскиот претседател.
Тој нагласи дека Украинците разбираат оти претстојната зима може да биде исклучително тешка, но доколку не дојде до неопходните чекори за деескалација, Украина нема да има друг избор освен да ѝ нанесе болни удари и на Русија.
Зеленски го опиша рускиот претседател Владимир Путин како „нулта пациент“ кој ја започна агресијата, додавајќи дека колку подолго тој е во можност да води војна, толку повеќе зло ќе остави зад себе.
Покрај тоа, Зеленски предупреди дека Русија регрутира граѓани од 47 различни земји за учество во борбите, упатувајќи апел до претставниците на тие држави да ги спречат своите граѓани да бидат вовлечени во руската воена машина.
Во однос на глобалната безбедност, тој потенцираше дека целта на Украина е заштита на критичната инфраструктура, прехранбената безбедност и човечките животи, но и спречување на развојот на уште поопасно оружје.
– Треба да го забавиме тоа пред да стигнеме до следната фаза, бидејќи веќе следната година постои реална можност вештачката интелигенција, а не само луѓето, да почне да одлучува што се случува на бојното поле. Ние мора да постигнеме мир пред да стигнеме до таа точка – заклучи Зеленски.
септември 24, 2026
