Connect with us

Култура

Македонскиот КИЦ во Загреб партнер на меѓународниот поетски фестивал „Poetic Bridge Festival“

Македонскиот КИЦ во Загреб зема учество на меѓународниот поетски фестивал „Poetic Bridge Festival“, посветен на поезијата како универзален јазик што ги поврзува луѓето надвор од јазичните, културните и генерациските граници. Фестивалот се одржа во Центарот за култура Трешњевка (CeKaTe) во Загреб, а Македонија на фестивалот ја претстави реномираната македонска поетеса Сузана В. Спасовска.

На свеченото отворање на Фестивалот поздравни обраќања имаа уметничката директорка на фестивалот Анаиса Али Могли, директорката на Центарот за култура Трешњевка Доротеа Сушак, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска и директорката на Институтот Лист – унгарскиот културен центар во Загреб Ана Младеновиќ.

Како што се наведува во соопштението од  Македонскиот КИЦ во Загреб, Сузана В. Спасовска учествуваше во двата фестивалски дена на повеќејазичните поетски читања, заедно со поети од Унгарија и Хрватска, а читањата беа збогатени со музички вовед на виолина од Алекс Чапо.

Сузана В. Спасовска зема учество и на меѓународната панел-дискусија со модераторка Анда Буквиќ Пажин, посветена на тоа како ја доживуваме поезијата надвор од јазикот, улогата на преводот и на прашањето што останува кога зборовите ќе го променат јазикот.

Во рамките на фестивалот беа одржани и повеќе работилници посветени на музиката и пишувањето поезија, калиграфијата, танцот и движењето, со што на посетителите им беше овозможено поезијата да ја доживеат и преку различни уметнички форми и изрази. На затворањето на Фестивалот настапи и етно-вокалниот ансамбл „Езерки“.

„Poetic Bridge Festival“ го организира Центарот за култура Трешњевка во соработка со Институтот Лист – унгарскиот културен центар во Загреб и македонскиот КИЦ во Загреб со поддршка од хрватското Министерство за култура и медиуми, а како дел од сопствената годишна програма на македонскиот КИЦ во Загреб и од македонското Министерство за култура и тиризам.

Учеството на Македонија на фестивалот, како и партнерството на македонскиот КИЦ во неговата организација, се дел од активностите на македонскиот КИЦ во Загреб насочени кон продлабочување на хрватско-македонските културни врски и промоција на македонската книжевност и култура во Хрватска.