Вести
Сиљановска-Давкова: По 37. пат нема да го менуваме Уставот без гаранции, европскиот пат не смее да зависи од историски прашања
Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата – истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во мегаинтервјуто за МИА, што ќе биде објавено викендов.
Во однос на прашањето за нејзината порака од Бугарија, каде што учествуваше на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, дека процесот на проширување на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми, таа одговори дека не може европскиот конституционализам да опстои ако не ги почитува сопствените вредности.
– Членот 2 на договорот за ЕУ повикува на почит на дигнитетот, слободата, еднаквоста, демократијата, владеењето на правото, на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските. Тоа е нешто што е врзано директно за Копенхашките критериуми од 1993 година – вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и додава дека на овој член се повикува членот 49 од договорот за ЕУ кога вели дека нивното исполнување е услов, и тоа не само политички туку и правен услов за членство.
Уште поважен, можеби и порелевантен за нашиот случај, како што рече, е членот 4, став 2, „нешто што ние во уставното право го нарекуваме клаузула на национален идентитет бидејќи јасно се вели дека Унијата ќе ја почитува еднаквоста на сите членки, не само на тие внатре туку и на оние што сакаат да влезат внатре“.
– Зошто? Бидејќи се однесува на националниот идентитет, на културниот идентитет и ова најважното – инхерентен на фундаменталните политички и уставни структури на државата – додаде претседателката.
Значи, вели таа, ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури.
– А тука е и логиката на другата група држави, кои велат дека ова се однесува само на членките што се внатре во ЕУ. Апсурдно е дека вие не мора да ги исполнувате овие критериуми кога аплицирате, ама откако ќе влезете… е, тогаш мора. Па ако е така, тогаш кога ќе влезат државите, сигурно ќе ги менуваат уставите. Има држави, како Италија и Холандија, кои немаат ниеден збор за Европската Унија. Има држави што внесуваат најчесто една глава во Уставот, што се однесува на односот меѓу уставното право, домашното, националното и акито, односно европското право. Ама ние со децении се хармонизираме. Со што се хармонизираме? Па точно со овие принципи бидејќи тие кореспондираат со Копенхашките критериуми и не случајно се утврдени – истакна Сиљановска-Давкова.
Таа напомена уште еден важен член, членот 4, ама сега ставот 3, бидејќи тој вели дека се поттикнува или се бара искрена соработка, па и во договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, основниот принцип е bona fide.
– Значи, пријателство и добрососедство, не непријателство и вето. И суштината на пријателството и на добрососедството е во преамбулата на договорот. И таа вели дека нашиот сосед ќе нѐ помага на патот со сопствените искуства, исто така ќе ни го отвори патот кон Европската Унија и тоа некако звучи скандинавски. Ама не е така – рече претседателката притоа укажувајќи и на последниот релевантен член – членот 49, кој се однесува на тоа кога вие можете да влезете, кога може да станете членка на Европската Унија.
Таа појасни дека тој член многу убаво се осврнува на претходните што ги наброи – дали членката, т.е. кандидатката, ги исполнува.
– И понатаму следува она што го слушам деновиве и не го разбирам. Следува одлуката на парламентот, значи на македонскиот парламент со двотретинско мнозинство, кој треба да го чуе, преку пратениците, гласот на граѓаните. Како? Не само со двотретинското мнозинство, туку и со референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали се за членство во Европската Унија по ратификацијата од другите членки. Значи, ние предложивме решение што не би го предложиле другите држави. Решение дека ајде и по 37. пат ќе го менуваме Уставот – рече претседателката Сиљановска-Давкова алудирајќи на тоа дека проблемот со нашето членство во ЕУ не е Уставот зашто тој има веќе 36 амандмани, 36 пати е менуван и секогаш под влијание на меѓународната заедница.
Наместо уставен патриотизам, таа смета дека ние честопати се одметнувавме или префериравме не само уставен релативизам туку дури и уставен нихилизам.
– Зошто? Несоодветно однесувајќи се кон законот на законите, кон највисокиот закон секаде, ама и кон најсуштинската општествена повелба меѓу граѓаните. Општествен договор, што би рекол Жан-Жак Русо. Доказ? Тоа се 36 амандмани, повеќето од нив иницирани од надвор. Прашањето е сега дали суверенитетот, при промените на Уставот, имавме предвид дека извира од граѓаните и им припаѓа ним бидејќи обично сите преамбули ова го изразуваат и со првата реченица од преамбулата „Ние, народот…“ итн., „Ние, народот и меѓународната заедница“, или „Ние, народот и Европската Унија“ или… Но, зборуваме за Устав. И јас затоа секогаш потенцирам дека припаѓам на групата конституционалисти, кои кога ги читаат темелните извори или уставните извори на Европската Унија, се разбира дека ги читаат не само низ очите на членките на ЕУ туку и низ очите на кандидатите, сметаат дека тие треба европеизирани да отвораат поглавја, кластери или да бидат веќе со европски капацитет кога ќе влезат внатре – истакна претседателката Сиљановска-Давкова во интервјуто за МИА.
јуни 13, 2026


