Регион
Во Грција досега регистрирани 370 случаи на вирусот Западен Нил, а починаа вкупно 33 лица
Во изминатата седмица, заклучно со вчера претпладне во Грција биле потврдени 46 нови случаи на вирусот Западен Нил, а починаа три лица, според неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), а од почетокот на оваа вирусна сезона вкупниот број заразени се зголеми на 370, што е и рекорден број случаи во земјата од 2010 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Според податоците од ЕОДИ, од вкупниот број заразени, 238 лица се со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), а кај 132 случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.
Од заразените, 64 лица се хоспитализирани, 244 пациенти биле пуштен од болница, а за 28 од случаите не била потребна хоспитализација.
Вкупниот број на смртни случаи кај пациенти со инфекција со вирусот на Западен Нил се зголеми на 33, а починатите се на возраст од над 65 години, со просечна возраст од 85 години.
Доколку се анализираат официјалните податоци, најголемиот број од случаите се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, останатите се во регионот Тесалија, во северна и централна Грција на Пелопонез и на Крит, а според ЕОДИ, во текот на 2026 година, заклучно со вчера, случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил се регистрирани во 79 општина во земјата и во 23 регионални единици.
Грчкиот лекар Гикас Мајоркинис, специјалист по клиничка патологија и вонреден професор по хигиена и епидемиологија на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина во интервју за МИА минатата седмица посочи дека според искуството од минатите години кон крајот на месецов се очекува најголемото намалување на бројот на заразени, порача дека личната заштита игра најважна улога од сите превентивни мерки што можеме да ги преземеме и истакна дека вирусот не се пренесува од човек на човек.
Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистрирани на почетокот на јули.
Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на Западен Нил во изминатите години имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок беше и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.
септември 19, 2026
