Connect with us

Регион

Во Србија за 8 ноември распишани избори за национални совети на малцинствата во државата

Српскиот министер за човекови и малцински права и социјален дијалог во технички мандат, Демо Бериша, денеска ги објави изборите за членови на националните совети на националните малцинства во државата за 8 ноември.

На изборите ќе учествуваат припадници на 23 национални малцинства.

„Во согласност со Законот за национални совети на национални малцинства, денеска ги распишав редовните избори за членови на националните совети на националните малцинства, кои ќе се одржат на 8 ноември 2026 година. Припадници на 23 национални малцинства во Република Србија ќе учествуваат на изборите“, рече Бериша по објавувањето на изборите.

На 16 септември, Министерството за човекови и малцински права и социјален дијалог на Србија, привремено ги заклучи посебните избирачки списоци и утврди дека 21 национално малцинство ги исполнуваат условите за директни избори – албанско, ашкалиско, бошњачко, бугарско, буњевско, влашко, грчко, египќанско, унгарско, македонско, германско, полско, ромско, романско, русинско, словачко, словенечко, украинско, хрватско, црногорско и чешко национално малцинство.

Членовите на горанските и руските национални малцинства ќе ги избираат своите претставници преку електорско собрание.

Редовните избори за членови на националните совети на националните малцинства се одржуваат на секои четири години, времетраењето на мандатот на едно свикување на национален совет, според Законот за национални совети на националните малцинства. Претходните избори за националните совети на националните малцинства се одржаа на 13 ноември 2022 година.