Вести
Истражување на ЕСЕ: Граѓаните најчесто ја препознаваат корупцијата во здравството преку барање поткуп
Граѓаните најчесто ја препознаваат корупцијата во здравството преку барањето или давањето пари за добивање здравствена услуга, додека други форми, како „врски“, подароци и услуги, поретко се препознаваат како корупција, покажало истражување на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ кои денеска на градскиот плоштад во Куманово на трибина ги презенираа податоците. Истражувањето било спроведено меѓу населението преку телефонска анкета на 1.040 граѓани, околу 400 здравствени работници од различни нивоа на здравствена заштита. Програмскиот координатор во ЕСЕ, Даро Антиќ, вели дека една од клучните точки што произлегле од истражувањето е ниското препознавање на различните форми на корупција во здравството.
-Најголема препознаеност како облик на корупција имаат парите, односно давањето или барањето поткуп за добивање здравствена услуга. Другите облици на корупција, како фаќање врски, снаоѓање, давање подароци и вршење услуги, како и барање или давање сексуални услуги, не се препознаваат во доволна мера како облици на корупција- изјави Антиќ.
Тој додава дека и посложените форми на корупција, поврзани со договори и јавни набавки, не се доволно препознаени од граѓаните. Според истражувањето, околу пет проценти од граѓаните се соочиле со ситуација во која им бил понуден или побаран поткуп за добивање здравствена услуга. Кај здравствените работници, пак, повеќе од 60 проценти посочиле дека биле сведоци на коруптивни практики.
-Важно е да се нагласи дека не секој здравствен работник е корумпиран и не секој дел од здравствениот систем е корумпиран. Меѓутоа, оние кои бараат поткуп за да обезбедат здравствена услуга ја нарушуваат довербата во здравствениот систем- вели Антиќ.
Како област во која има најголем простор за коруптивни практики, тој ги посочува специјалистичките услуги, каде што, како што вели, листите на чекање се подолги, а можноста за добивање здравствена услуга во моментот кога е потребна е ограничена. Антиќ смета дека за намалување на корупцијата се потребни засилени контроли во здравствените установи, но и функционални механизми за заштита и пријавување на корупцијата.
-Ниту еден од испитаниците нема пријавено корупција иако се соочил со некој облик. Тоа е загрижувачки. Постои недоверба во системот и граѓаните сметаат дека и доколку пријават, ништо нема да се промени и дека сепак ќе мора да ја добијат здравствената услуга- посочи Антиќ.
Во Куманово, партнер на ЕСЕ во истражувањето и активностите за едукација на населението било Хуманитарното здружение „Мајка“. Програмскиот координатор Лидија Илиевска информираше дека биле опфатени околу 300 жени на возраст од 18 до 60 години. Илиевска посочи дека во разговорите со жените најчесто биле истакнувани проблемите со закажувањето специјалистички прегледи, снимања и оперативни зафати.
-Учесничките истакнаа дека се соочуваат со најголеми проблеми при закажување специјалистички прегледи, снимања и оперативни зафати. За дел од услугите не можат да ги добијат во Куманово, па одат во Скопје. Во државните здравствени установи многу се чека, па затоа се приморани да одат во приватни установи, што предизвикува зголемување на трошоците во семејниот буџет- вели Илиевска.
Како форма на корупција, жените го препознале и упатувањето од страна на лекарите да купат одреден лек во конкретна аптека, како и барањето одредена услуга за возврат на добивање здравствена услуга.
Илиевска додава дека граѓаните сè уште не ги препознаваат приватните врски и давањето ситни подароци како корупција, иако, како што посочува, и преку врски да се дојде преку ред до лекар претставува форма на коруптивно однесување. Таа очекува едукативните активности да придонесат за поголема информираност на граѓаните за корупцијата во здравството и за начините на нејзино пријавување.
септември 20, 2026
