Вести
Жените и девојчињата не можат да чекаат за заштита
Кога дневните полициски билтени во една држава почнуваат да звучат како список на случаи на родово базирано насилство (РБН), повеќе не можеме да зборуваме за изолирани инциденти, туку за образец што го прави РБН јасна национална вонредна состојба која бара одговор што ќе одговара на нејзините размери. Според официјалните податоци, во првите десет месеци од годината е забележано драстично зголемување од 70% на бројот на пријавени случаи на родово базирано насилство во споредба со истиот период во 2025 година, пишува во денешното соопштение – став – авторска колумна на Рита Колумбија, постојана координаторка на Обединетите Нации во Северна Македонија, за последните случувања во врска со родово базираното насилство во земјата.
Но, кога зборуваме за родово базирано насилство, никогаш не смееме да заборавиме дека тие бројки не се само бројки. Зад секој податок стои име, семејство, заедница и безброј животи кои се неповратно променети. Иако сите случаи кријат болни приказни, фемицидите нè погодуваат најдлабоко, не само поради незамисливо трагичната загуба на животи – животи насилно одземени од невини жени и девојчиња – туку и поради суровиот потсетник што ни го испраќаат: дека ова не смеело да се случи. Дека системот не успеал да ги заштити. Дека сите ние не успеавме да ги заштитиме.
Случаите на тешко семејно насилство, сексуална злоупотреба на деца и фемициди доминираа во медиумските наслови во текот на 2026 година, а зад многу од нив се крие ист образец: предупредувања што не биле сфатени сериозно, реакции што дошле предоцна, санкции што не одговарале на тежината на делото и заштитни мерки што не успеале да заштитат.
Неодамнешниот фемицид на Билјана Кириќ, која сè уште беше дете, е потресен потсетник на ова и на фактот дека заштитата на оние кои се соочуваат со родово базирано насилство е итна одговорност што сите ја споделуваме.
Всушност, секој нов случај на родово базирано насилство ја покажува итноста на состојбата, меѓусебната поврзаност на различните форми на насилство и потребата целото општество да се вклучи во негово спречување.
Сепак, растечкиот број на пријавени случаи раскажува и друга приказна. Сè повеќе жени и девојчиња се охрабруваат да проговорат. Тоа не е само доказ дека насилството постои; тоа е доказ дека молкот се крши. Институциите кои го поттикнуваат пријавувањето на родово базираното насилство – полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа – заслужуваат признание за тоа, заедно со граѓанските организации и развојните партнери кои со години вложуваат во оваа цел.
Девојчето во Богданци го направи токму она што секоја кампања ги охрабрува жените и девојчињата да го направат. Таа пријави. Но пријавувањето е само првиот чекор; она што е важно е дали системот ќе реагира доволно брзо за да обезбеди заштита.
Токму затоа е толку важно што ќе се случи понатаму. Истражувањата покажуваат дека речиси секоја втора жена во Северна Македонија доживеала некаков облик на насилство во текот на животот, додека само мал дел од нив го пријавуваат кај надлежните институции. Секоја жена или девојче што ќе пријави и потоа нема да добие заштита станува причина следната жена да молчи. Секое пријавено насилство што завршува со погреб им испраќа порака на илјадници други дека пријавувањето е бесмислено или, уште полошо, опасно.
Од перспектива на детските права, случајот на Билјана укажува на слабости низ целиот систем за заштита, а не на грешка на само една институција. Потребно е, а тоа веќе го бараат постојните закони и протоколи, итно проценување на ризикот насочено кон жртвата, брзи и применливи мерки за заштита што ќе го отстранат сторителот и координиран мултисекторски одговор во кој полицијата, обвинителството, социјалните служби, училиштата и здравствените установи ќе споделуваат информации и одговорност.
Четири работи мора веднаш да се променат
Прво
Секоја пријава мора да предизвика брза и координирана реакција во рок од неколку часа, а не недели. Правната рамка на државата мора да биде целосно заокружена. Измените на Кривичниот законик од 2023 година го признаа фемицидот како квалификуван облик на убиство, го дефинираа силувањето преку отсуството на согласност и го криминализираа силувањето во брак – вистински достигнувања. Она што недостига е брзина, доследност и ефикасно спроведување на забраните и ограничувањата.
Секоја пријава за насилство од сегашен или поранешен партнер треба да биде проследена со стандардизирана проценка на ризикот во рок од 24 часа, итна наредба за заштита кога ризикот е висок, проверка за пристап до оружје и назначување службено лице одговорно за случајот сè до неговото затворање. Кога жртвата е дете, центарот за социјална работа и училиштето треба да бидат известени истиот ден за да активираат итна заштита на детето.
Ги поздравуваме најновите измени на Кривичниот законик од јануари 2026 година, со кои се отстранува условот гонењето да зависи од предлог на жртвата во случаи на телесна повреда поврзана со семејно и родово базирано насилство. Ова е важен чекор кон обезбедување правдата да биде одговорност на државата, а не на преживеаната жртва. Сепак, секој закон мора да се спроведува, а институциите мора да располагаат со капацитети и ресурси за тоа.
Второ
Секоја пријава на насилство мора да води до вистинска поддршка: специјализирани услуги и обучени професионалци подготвени да помогнат и, кога безбедноста на жената или девојчето зависи од тоа, сигурно место за престој.
Ревизијата на успешноста на спроведувањето на Истанбулската конвенција што ја спроведе Државниот завод за ревизија во 2025 година јасно заклучи дека мерките што се во сила не се доволно ефикасни за заштита на жените. Земјата располага со значително помал капацитет на засолништа од оној што го бара Конвенцијата, советувалишта што постојат само на хартија остануваат затворени, а не постои ниту национална стратегија во сила.
Решенијата се познати: усвојување на стратегијата, отворање и екипирање на центри, одржување национална СОС-линија достапна 24 часа, воспоставување кризни центри за родово базирано насилство во секој регион, обезбедување бесплатна правна помош и психолошка поддршка и меѓусебно поврзување на податоците така што пријавата во една институција ќе биде видлива и за останатите. Овие услуги мора да бидат достапни и соодветни и за адолесцентките.
На преживеаните им е потребен и пат назад кон нормален живот: домување, приходи и сигурност дека насилството нема да се повтори. Ништо од ова не е ново. Станува збор за политичка волја, буџетски средства и донесување одлуки.
Трето
Превенцијата мора да започне многу пред да се случи насилството, а образованието е во нејзиното срце.
Дваесет и едногодишник кој верува дека има право да контролира седумнаесетгодишно девојче не го формирал тоа уверување на 21 година. На децата и адолесцентите им е потребно образование соодветно на нивната возраст за еднаквост, почитување во односите, согласност, дигитална безбедност, ненасилно решавање конфликти и начини за барање помош.
Училиштата мора да бидат способни да препознаваат предупредувачки знаци, вклучително и долготрајно отсуство, повлекување од образовниот процес или изложеност на насилство, и навремено да активираат поддршка и упатување кон надлежните служби. Тоа значи наставните програми да обезбедуваат сеопфатна, научно заснована и возраст-соодветна едукација што конкретно ги адресира штетните родови стереотипи, нееднаквите односи на моќ, концептот на согласност и животните вештини за спречување родово базирано насилство, во согласност со Истанбулската конвенција.
Истанбулската конвенција и националното законодавство го користат терминот „род“ затоа што тој го објаснува образецот што го откри случајот во Богданци: ова насилство во огромна мера е насочено кон жени и девојчиња и е вкоренето во постојната родова нееднаквост.
Превенцијата се однесува и на сите нас. Медиумите што известуваат за фемицид како за „љубовна трагедија“, а не како за кривично дело; работодавачите кои свесно свртуваат поглед; семејствата што ја охрабруваат ќерката да ја повлече пријавата „за да не се зборува“; заедниците во кои заканите на еден млад човек се толкуваат како „карактер“ или „темперамент“ – токму тоа се условите во кои една пријава останува без одговор.
Програмите што работат со мажи и момчиња, како и со сторителите пред повторно да извршат насилство, не се поблага алтернатива. Тие се единствениот начин да се намали бројот на случаи, наместо само да се реагира на нив.
Четврто
Секој фемицид треба да биде проследен со темелна ревизија.
Кога жена или девојче ќе биде убиена од партнер или член на семејството, независно тело составено од обвинители, полицајци, социјални работници, здравствени работници и претставници на граѓанското општество треба чекор по чекор да ги реконструира сите нејзини контакти со институциите во месеците пред смртта и јавно да ги објави наодите.
Кога жртвата е помлада од 18 години, ревизијата мора да утврди дали биле активирани сите механизми за заштита што се предвидени за дете и дали предупредувачките сигнали биле навремено препознаени во семејството, училиштето, здравствениот систем или заедницата.
Не за да се бараат виновници меѓу поединците, туку за да се одговори на едно прашање: што требаше да биде направено поинаку за таа денес да биде жива?
Земјите што вовеле вакви ревизии научиле работи што ниту еден закон не можел однапред да ги предвиди – кои предупредувачки знаци биле пропуштени, која институција претпоставила дека другата веќе реагирала и каде одредени предмети останале со недели без постапување.
Во Северна Македонија сè уште нема интегриран регистар на преживеани од родово базирано насилство, поради што ниту една институција нема целосен увид во еден случај. Постојан механизам за ревизија на фемицидите, кој би поднесувал годишни извештаи до Собранието, би претворил секоја смрт во лекција што системот е должен да ја научи и да ја примени.
Девојчето од Богданци заслужува да биде првиот случај што ќе се разгледува во рамки на таков механизам. Никогаш не смееме да ги заборавиме Билјана и сите оние кои, како општество, не успеавме да ги заштитиме пред неа. Не смееме да ги заборавиме Танкица, Ајнет, Ивана, Росица, Рамајана, Емилија…
Импулсот за промена е кревок. Јавното внимание расте со секоја смрт, но исто толку брзо и исчезнува. Ако подготвеноста за проговор што ја гледаме во 2026 година не биде проследена со соодветен одговор од институциите, медиумите, заедниците и семејствата, таа ќе згасне и следното девојче нема да пријави.
Борбата против родово базираното насилство не смее да остане одговорност на едно министерство. Таа мора да биде на самиот врв на националната агенда: во процесот на пристапување кон Европската Унија, во реформските програми, во локалната самоуправа, во приватниот сектор, во училиштата, спортот и културата.
Семејството на Обединетите нации во Северна Македонија ја поддржува оваа борба и ќе продолжи да го прави тоа. Ставањето крај на родово базираното насилство и насилството врз децата не се две одвоени агенди. Насилството може да биде запрено, но само кога секој дел од општеството ќе одлучи дека тоа е неприфатливо.
ноември 20, 2026


