Вести
АНБ и БЈБ разоткриле иранска прокси-мрежа во Македонија, подготвувала терористички напад во Грција, уапсени пет лица во Скопје и Куманово
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР, во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, разоткрила прокси-мрежа во Македонија поврзана со ирански државјанин, чии членови презеле подготвителни логистички активности за извршување терористички акт, односно атентат врз лице во Грција. Нема информации за планови за нивна активност во Македонија. Приведени се пет лица, од кои за четири е изречена мерка притвор, а за едно куќен притвор. Шестото лице од мрежата се уште е недостапно за органите на прогонот.
-Акцијата следува по информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава беа доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Информациите се однесувале на шест лица, државјани на Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово. По преземените координирани оперативни и истражни активности, акцијата беше реализирана од надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“. Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на четири локации, при што беа лишени од слобода четири лица. Дополнително, во Република Грција беше лишено од слобода уште едно лице, кое беше предадено на надлежните органи во нашата држава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа надвор од државата, се трага, изјави на денешната пред-конференција директорот на БЈБ, Александар Јанев.
Како што информираа од АНБ и БЈБ, активностите биле преземани од почетокот на 2026 година во соработка со странските партнерски служби.
Биле преземени оперативно-технички и аналитички активности за разоткривање на мрежата, поврзана со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване (Edris Jahangiri Mavaneh), кој е идентификуван како лице поврзано со други прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и со наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти (Naji Sharifi Zindashti).
Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјата, кои по директни насоки на иранскиот државјанин презеле подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт/атентат врз лице во Грција.
Во текот на постапувањето беше утврдена меѓусебната поврзаност на лицата, како и нивната поврзаност со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со т.н. прокси-мрежи. Исто така, беше утврдено дека имале намера да извршат терористички акт насочен кон цел на територијата на друга држава.
-Во таа насока Агенцијата презеде сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси мрежа од земјава, надоврзана на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване (Edris Jahangiri Mavaneh), издиференциран како лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и негова поврзаност со нарко босот Наџи Шарифи Зиндашти (Naji Sharifi Zindashti). Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаа подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт/атентат врз лице во Грција“, изјави директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Тој додаде дека во координација и размена со странски партнерски служби бил разоткриен нивниот modus operandi, за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција.
-Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно истиот е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби, посочи директорот на АНБ.
За преземените активности и утврдените сознанија е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.
Со размена на информации со странските партнерски служби бил разоткриен и начинот на функционирање на мрежата, вклучително и одржувањето конспиративни средби на територијата на трети земји, меѓу кои и Иран. Притоа биле потврдени врските со иранскиот државјанин, кој се посочува како главен носител на планираната терористичка акција.
Од АНБ и БЈБ оценуваат дека ваквите поврзаности се вклопуваат во обидите на иранските разузнавачки служби да ги прикриваат своите активности преку криминални прокси-мрежи во трети земји, вклучително и Македонија.
Како дополнителен безбедносен контекст, посочуваат дека во изминатиот период повеќе земји се соочиле со терористички закани и напади од ирански прокси актери.
Од АНБ и БЈБ најавуваат дека и натаму ќе работат на детектирање и спречување евентуални терористички закани преку прокси-елементи од Иран, како и на разоткривање други лица инволвирани во вакви мрежи.
ноември 18, 2026


