Свет
Естонија ја обвини Русија дека стои зад пожарот во воената фабрика, Песков демантира
Естонија денеска објави дека руските безбедносни служби стојат зад палежот што се случи во август во естонската одбранбена компанија „Милрем Роботика“, која произведува беспилотни копнени возила за Украина.
Премиерката Кристен Михал изјави дека овој заклучок е базиран на информации собрани од естонската Служба за внатрешна безбедност КАПО, објавија британските медиуми.
Естонија не објави докази за своите тврдења, но изјави дека инцидентот е сличен на други саботажи за кои тврди дека се вршат по налог на Русија низ цела Европа.
Пожарот избувна ноќта помеѓу 14 и 15 август во зградата што ја користи оваа воена компанија, но брзо беше ставен под контрола и немаше жртви или повредени.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, експресно ги отфрли обвинувањата на Естонија дека Русија стои зад палежот во воената фабрика „Милрем Роботика“, велејќи дека станува збор за „неосновани и непромислени“ изјави.
Според него, естонското раководство не објавило никакви докази врз основа на кои тврди дека Русија е поврзана со инцидентот, објавија руските медиум.
септември 29, 2026
