Connect with us

Свет

Бардела ги негира обвинувањата за антисемитизам: Тоа е обид за дестабилизација на мојата претседателска кампања

Претседателот на француската десничарска партија Национален собир (RN), Жордан Бардела, ги негираше обвинувањата за антисемитизам објавени од истражувачкиот портал Медиапарт, велејќи дека станува збор за операција насочена кон „негово политичко убиство“ и дестабилизација на неговата претседателска кампања.

Порталот Медиапарт вчера објави текст за наводни антисемитски изјави што му се припишуваат на Бардела од периодот кога, како 17-годишник, бил член на Националниот фронт, како што некогаш се нарекуваше Национален собир, објави BFM TV.

Во текстот се цитираат изјавите на Бардела во кои тој ги обвинува Евреите дека имаат намера да доминираат, задушуваат и ограбуваат други народи.

Денеска, пред да влезе во Националното собрание, Бардела рече дека станува збор за „операција за дестабилизација на претседателската кампања“ и најави правни постапки доколку, како што рече, бидат објавени фалсификувани документи.

Тој рече дека очекува повеќе текстови на оваа тема и процени дека разјаснувањето на случајот ќе трае со месеци.

Додаде дека, доколку се користат писмени докази, ќе поднесе тужби за фалсификување и употреба на фалсификувани документи.

Бардела „формално ги негираше“ обвинувањата и ги повика сите да пронајдат во неговиот претходен политички ангажман став што би претставувал антисемитизам, ксенофобија или расизам.

„Никогаш не пронајдоа ништо за што би можеле да ме обвинат“, рече тој, додавајќи дека знаел дека „ќе се направи сè за да не спречат да победиме“ на претседателските избори.

Бардела оцени дека обидите за дестабилизација на кампањата ќе бидат „исклучително бројни“, но и „добро организирани, педантни и професионални со цел да се создаде сомнеж кај Французите“.

Тој исто така рече дека ако „Медиапарт ја оркестрирала оваа манипулација“ или порталот бил „заведен“ од луѓе заинтересирани за дестабилизација на кампањата, неговата партија ќе „возврати на ударот“, а неговите адвокати ќе ја водат правната битка.