Connect with us

Вести

Вигенин: Коридорот 8 треба да нè поврзе, напредокот во поврзувањето е практичен тест на европската интеграција

Поврзаноста можеби не звучи толку политички како другите теми што ги дискутираме, но во нашиот регион таа е практичен тест на европската интеграција – порача денеска Кристијан Вигенин, европратеник од редовите на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и член на Делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија.

– Поврзаноста не звучи толку политички како другите теми што ги дискутираме, но во нашиот регион тоа е практичен тест на европската интеграција. Инфраструктурата, која застанува само на границата, не е поврзаност, енергетската безбедност не се постигнува само со документи и не им помага на граѓаните да ги развиваат своите бизниси, затоа напредокот на Коридорот 8 е многу важен – истакна Вигенин во обраќањето на втората сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, посветена на поврзувањето и развојот на инфраструктурата.

Тој посочи дека двете држави одат напред во поврзувањето и изградбата на тунелот меѓу двете земји нагласувајќи го значењето на железничкото поврзување како дел од европската транспортна мрежа, кое е поддржано од Европската Унија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

– И двете земји треба да почнат со практичниот дел од работата, со тендери и градежни работи на железницата. Добри патишта, добри железнички врски не може да се третираат како второстепени нешта што треба да ги правиме. Токму тие ќе овозможат послободен проток меѓу луѓето во Западен Балкан и ЕУ – рече Вигенин.

Според него, Коридорот 8 треба да има улога во поврзувањето на регионот и да придонесе за зголемување на регионалната размена.

– Коридорот 8 треба да нè поврзе, не да нè дели, ќе ја поттикне регионалната размена и ќе ја поврзе Северна Македонија и со Црното и со Јадранското Море – рече Вигенин.

Тој сепак оцени дека спроведувањето на проектите е премногу бавно и оти постојат значителни поддршки од ЕУ што може да ги добијат соседни земји кои сакаат да соработуваат со цел надминување на пречките.

Вигенин посочи дека поврзаноста е приоритет за Европската Унија, особено во контекст на прашањата поврзани со конкурентноста, европската економија, одбраната и воената мобилност.

– Размената со соседните региони и главните прашања апострофирани во говорот на Фон дер Лејен се поврзани со уште еден коридор, средниот коридор, кој е во надзор на институциите, но е одложуван. Затоа Европската Унија планира да инвестира напор и средства во спроведувањето на т.н. среден коридор, што ќе ја поврзе Европа со Кавказот и Централна Азија, но минува низ Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Јадранот. Тоа е само еден сегмент од овој коридор – рече тој.

Според Вигенин, активната работа на Коридорот 8 е важен дел од т.н. среден коридор.

Тој информира дека наредната година во Бугарија ќе се одржи голема конференција посветена на поврзувањето, чија главна тема ќе биде токму овој коридор и изрази уверување дека претставници од Европската Унија и земјите кандидатки ќе учествуваат на оваа конференција. Оцени дека иницијативата ќе претставува можност за забрзување на размената и подобрување на поврзаноста меѓу земјите, а со цел да отвориме нови можности за трговска размена.

– Треба да бидеме практични и прагматични, да зборуваме за трговија, за инвестирање, а тоа значи подобар живот за нашите граѓани, што, на крајот на краиштата, е главна цел и на Европскиот парламент и на Собранието – заклучи Вигенин.