Регион
Јанша: ОН треба да развијат нов пристап за спречување масовни злосторства
Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, во обраќањето на 81. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк синоќа изјави дека Обединетите нации треба да развијат нов пристап за спречување масовни злосторства.
Според Јанша, светот денес не е подобар отколку што бил за време на Втората светска војна, бидејќи недоследноста ги поткопува принципите врз кои е основана Организацијата на Обединетите нации.
Тој истакна дека во изминатите децении ОН посветиле голем дел од своето внимание на прашањето за Палестина. Според него, истите стандарди треба да се применуваат и на други прашања, како што се, како што наведе, „страдањата на христијаните во Нигерија“.
Јанша повика на создавање независен механизам што би поднесувал отчет пред Генералното собрание на ОН и на годишно ниво би го споредувал обемот, траењето и сериозноста на големите кризи со обемот и природата на меѓународната реакција.
Во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“, Јанша оцени дека ОН применуваат двојни стандарди при оценувањето на светските кризи и рече дека фокусирањето на Газа ја засенило војната во Украина и другите хуманитарни кризи.
За време на претходната словенечка влада на премиерот Роберт Голоб, Словенија во 2024 година ја призна палестинската држава, а во јули минатата година воведе ембарго за извоз на оружје во Израел. Тогашната влада мерките ги оцени како неопходни за заштита на палестинските цивили и почитување на меѓународното право.
Владата на Јанша, пак, работи на обновување на односите со Израел. На почетокот на месецов беше отворена првата Израелска амбасада во Љубљана, а двете влади потпишаа програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младината и спортот до 2030 година.
Во интервјуто за „Фокс њуз“, Јанша ги критикуваше европските лидери, за кои рече дека не ги препознале пошироките стратешки врски меѓу Иран и Русија и конфликтите во Украина и на Блискиот Исток. Според него, „траен мир на Блискиот Исток не е можен без промена на режимот во Техеран“.
На маргините на 81. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, словенечкиот премиер се сретна и со американскиот претседател Доналд Трамп и го покани да ја посети Словенија. Трамп, пак, вети дека наскоро ќе ја посети земјата во која е родена и првата дама на САД, Меланија Трамп.
септември 25, 2026
