Свет
Во пресрет на средбата Трамп – Шји Џјинпинг: вештачката интелигенција, царините и Тајван во фокусот на разговорите
Американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон го пречекува кинескиот претседател Шји Џјинпинг, а на дневен ред на лидерите на двете глобални суперсили ќе бидат теми од вештачката интелигенција до трговијата и Тајван, објави Би-би-си.
Се очекува Трамп лично да го пречека кинескиот претседател денеска во воздухопловната база „Ендрјус“, а утре во Белата куќа ќе биде организирана официјална церемонија за пречек со прелет на воени авиони и учество на речиси 500 припадници на вооружените сили. Посетата на Шји, која завршува в петок, ќе биде проследена со многубројни церемонии и свечени настани, меѓу кои и раскошни вечери, приватни обиколки и уметнички настапи.
Ова е прва државна посета на Шји на САД по речиси една деценија и негова трета средба со Трамп откако американскиот претседател го почна својот втор мандат. Дополнителна тежина на посетата ѝ дава фактот што американско-кинескиот трговски договор, постигнат минатата година, истекува во ноември. Трговското примирје – постигнато во октомври 2025 година, кога Трамп и Шји се сретнаа во Јужна Кореја – предвидуваше Вашингтон да ги суспендира големите зголемувања на царините за кинеската стока, а Пекинг ги ублажи ограничувањата за извозот на ретки земни елементи, кои се од клучно значење за производството.
Се очекува Трамп за време на средбата со Шји да отвори повеќе прашања, особено во однос на царините и трговијата. Американскиот претседател долго време го критикува трговскиот дефицит на САД со Кина, кој изнесува повеќе од 91 милијарда долари. Истовремено, кинескиот извоз на ретки земни елементи во САД е намален и покрај договорот постигнат минатиот октомври.
Американски и кинески претставници вчера водеа трговски разговори на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, но не постигнаа значителен напредок во пресрет на посетата на Шји, изјавија повеќе извори за Би-би-си. Американските преговарачи се очекува денеска да ги продолжат разговорите со кинеските колеги во Вашингтон по пристигнувањето на кинескиот претседател.
Шји, исто како и Трамп, се соочува со економски тешкотии во својата земја, па се очекува посетата да ја искористи како можност за разговори за продлабочување на американско-кинеската трговија. Тоа за Трамп претставува потенцијален политички проблем бидејќи дел од членовите на неговата администрација и неговите поддржувачи гледаат на Кина со голема недоверба.
Друга важна тема на разговорите меѓу Трамп и Шји ќе биде вештачката интелигенција. Кина и САД се натпреваруваат во она што се опишува како трка во вооружување во областа на вештачката интелигенција. Сепак, по серијата неодамнешни забележителни безбедносни инциденти поврзани со оваа нова технологија, расте притисокот врз администрацијата на Трамп да ја регулира вештачката интелигенција и да го забави нејзиниот развој.
Постојана дипломатска пречка во односите меѓу двете земји останува и Тајван. Конгресот на САД одобри продажба на оружје вредна повеќе милијарди долари на Тајван, која го чека потписот на Трамп. Тој засега ја одложи одлуката гледајќи на неа како на средство за преговарање со Кина. Од друга страна, Кина долго време ветува дека ќе го присоедини Тајван и не ја исклучува можноста за употреба на сила. Се очекува Шји да побара од Трамп или да се обврзе на дополнително одложување на продажбата на оружје или целосно да ја избегне таа испорака.
Експертите што разговараа со Би-би-си оценуваат оти е малку веројатно дека за време на многуте средби меѓу Трамп и Шји, планирани за неделава, ќе биде постигнат значителен напредок во областа на вештачката интелигенција или кај другите отворени прашања.
Без оглед на очигледните пречки што и натаму постојат пред склучувањето нови американско-кинески договори, јасно е дека Трамп го смета личниот контакт со Шји за клучен во овој процес.
– Трамп донесе одлука дека, без оглед на сè, мора да избегнеме конфронтациски однос со Кина – изјави Стивен Орлинс, претседател на Националниот комитет за американско-кинески односи. – Тој верува дека колку почесто тој и претседателот Шји се среќаваат, толку односот ќе биде помалку конфронтациски, и во право е – додаде тој.
септември 24, 2026
