Connect with us

Економија

Народна банка: Во 2025 година економскиот раст 3,5 отсто, просечната стапка на инфлација 3,9 проценти

За 2025 година се очекува раст на економијата од 3,5 отсто, а просечната стапка на инфлација ќе изнесува 3,9 проценти, соопшти денеска Народната банка.

Се оценува дека дефицитот на тековната сметка ќе биде 4,2 процента од БДП што е проширување на дефицитот во однос на претходната година.

Во споредба со априлските проекции, се очекува умерено повисок дефицит на тековната сметка наспроти финансиските текови кои во просек се повисоки од претходните очекувања.

Како што рече гувернерот Трајко Славески, макроекономската слика за домашната економија укажува на солидни економски изгледи и на натамошна стабилизација на инфлацијата.

Тој напомена дека во рамки на домашната побарувачка, бруто-инвестициите и личната потрошувачка и натаму се главните двигатели на растот, поддржани од зголемувањето на расположливиот доход на домаќинствата и од солидната кредитна активност на банките, надополнета со поволната државна кредитна поддршка за фирмите. Солиден придонес за растот ќе има и извозот на стоки и услуги, со оглед на поголемата отпорност на домашната економија на надворешните трговски тензии.

Според гувернерот, каматните стапки ќе останат непроменети. Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35 отсто, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат на нивоата од 3,95 и 4 проценти. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и ќе изнесува 10 милијарди денари.  

-Најновите макроекономски проекции за периодот 2025 – 2028 година укажуваат на отпорност и солиден раст на економијата. За годинава се очекува раст од 3,5 отсто, во периодот 2026 – 2028 тој би забрзал на 4 отсто. Во однос на инфлацијата, просечната стапка ќе изнесува 3,9 отсто, а во натамошниот период ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Во првата половина од 2025 година, економскиот раст достигна 3,2 отсто покажувајќи дека е поотпорен во однос на очекувањата за првата половина од 2025 година. Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2025 година упатуваат на понатамошен, умерено забрзан раст, поддржан од високиот раст кај градежништвото и солидниот раст во индустријата и угостителството, при послаби остварувања кај трговијата. Согласно подоброто остварување во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на забрзување на растот на БДП, односно негово искачување на 3,5 проценти во 2025 година и на 4 отсто на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност, истакна Славески на прес-конференција.

Инфлацијата, дополни, и натаму е во фокусот на монетарната политика.

-Годишната стапка на инфлација во септември и натаму забавува и изнесува 4 otsto. Ваквото движење главно произлегува од релативно инертната базична инфлација, движењата кај цените на храната, а во помала мера и од цените на енергијата. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се променети во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци за домашните цени во следниот период. Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9 проценти во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5 отсто во 2026 година и на два отсто на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени, објасни Славески.

Како што нагласи Славески, во првите девет месеци од 2025-та кредитната активност забележа силен раст кој, според Народната банка, би продолжил и до крајот на годината. Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Врз основа на тековните движења, до крајот на 2025 година се очекува раст на депозитите од 9,5 отсто и раст на кредитите од 11,6 проценти. На среден рок, за периодот 2026 − 2028 година, се предвидува умерено забавување на просечниот раст кој ќе изнесува околу 7,6 отсто кај депозитите и 7,3 проценти кај кредитите, односно стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор.

-Во периодот 2025 – 2028 година се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка кои би се искористиле за финансирање на дефицитот на тековната сметка. Во однос на структурата, најголемиот дел од приливите на нето-основа се очекуваат во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство. За целиот период на проекцијата се очекува зголемување на девизните резерви и натамошно соодветно ниво за одржување на стабилноста на домашната валута, подвлече гувернерот.

Потенцира и дека состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна.

-На крајот на октомври, нивото на девизните резерви изнесува 4.842,9 милиони евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно ниво. Последните проекции за надворешната позиција укажуваат на дефицит на тековната сметка од  4,2 отсто од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6 проценти од БДП во 2028 година. Се очекува финансиските текови да бидат солидни во периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви, рече Славески.

На 4 ноември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за состојбите во домашната и светската економија, најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и согледувањата од најновите макроекономски проекции на среден рок, во контекст на поставеноста на монетарната политика.  Најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка беше разгледан и усвоен на седницата на Советот на Народната банка.

-Со последната одлука на Народната банка се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај клучните макроекономски показатели, нивните очекувани трендови во наредниот период и со проценетите ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, подвлече гувернерот Славески.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1