Свет
Во ЕУ стапи во сила анти-СЛАПП законот
На подрачјето на Европска Унија, со исклучок на Данска, денеска стапи во сила нов Закон за заштита на луѓето вклучени во јавното учество од неосновани или злонамерни тужби односно анти-СЛАПП.
Акронимот СЛАПП е кратенка од англискиот јазик стратешка тужба против јавното учество (Strategic Lawsuit Against Public Participation).
СЛАПП тужбите ги поднесуваат моќни актери – корпорации, политичари, лоби групи, богати приватни лица ги поднесуваат не затоа што имаат валидно правно барање, туку за да наметнат финансиски и психолошки товар врз другата страна, што ќе ја принуди да молчи или да се откаже.
Целта на СЛАПП тужбите не е пресуда туку самиот процес. СЛАПП тужбите имаат за цел да цензирираат, да ги заплашат и замолчат критичарите, оптоварувајќи ги со судски постапки, високи тужбени барања и трошоци за одбраната. Таквите тужби влијаат врз слободата на говорот и медиумите.
Според податоците од Коалицијата антиСЛАПП во Европа (ЦАСЕ), само во 2023 година се поднесени 166 нови случаи на СЛАПП, со што вкупниот број на вакви случаи од 2010 година достигна 1.049 во 41 европска земја. Најчести теми беа корупцијата, која беше предмет на 36 проценти од поднесените пријави, и прашањата за животната средина со 16 отсто. Речиси половина од тужбите беа поднесени од компании и претприемачи, а повеќе од една третина од политичари.
Законот е прв чекор кон заштита на новинарите. Познат е случајот на италијанската новинарка Федерика Анџели, која го истражува организираниот криминал. Против неа се поднесени повеќе од 120 тужби.
Според Директивата на ЕУ 2024/1096 тужбеното лице може да побара случајот да се отфрли во рана фаза од постапката, а потоа товарот на докажување да биде на тужителот, кој ќе треба да докаже дека постојат основи за продолжување на процесот. Досега тужбеното лице мораше да ја докаже својата невиност, со големи трошоци и во текот на долг временски период.
Доколку судот утврди дека тужбата е неоснована, на тужителот може да му се наложи да ги плати сите трошоци на обвинетиот – правно застапување, судски трошоци и отштета. Судот може да изрече и дополнителни санкции.
Сега земјите-членки се обврзани да ги објават пресудите од СЛАПП во електронска форма и да собираат систематски податоци.
мај 7, 2026

