Економија
За три месеци подигнати речиси 400 кредити со поповолни услови при купување прв стан
За три месеци се подигнати речиси 400 кредити со поповолни услови при купување прв стан – информира денеска гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, одговарајќи на новинарско прашање по одржаната прес-конференција.
Тој потсети дека Централната банка ја донесе оваа мерка минатата година, а со важност од 1 декември.
– Ние ги затегнавме на некој начин условите заради заштита од прекумерно задолжување кај граѓаните и на некој начин и кај банките при стабените кредити за домаќинствата, за граѓаните, со олеснување, во спротивна насока, за семејствата, лицата што купуваат прв стан. Следиме секој месец, се разбира, не можеме да дадеме некоја резултатна оценка. Но, еве, за првите три месеци од примената, од декември до крајот на феврари, има 400 такви кредити, кои се подигнати за купување прв стан. Со овие поповолни услови од аспект на сопственото учество, што сега може да изнесува дури до само 10 проценти, ќе информираме како што минуваат месеците. Мислам дека ќе има ефект – посочи Славески.
Запрашан за цените за квадратен метар станбена површина, тој рече дека според она што преку медиумите го соопштуваат актерите на пазарот на недвижности, смета дека има извесно стабилизирање на цените.
мај 7, 2026

