Регион
Уапсени 15 лица во Грција кои преку фиктивни компании незаконски се стекнале со 4,8 милиони евра од поврат на данок
Инспекторите од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) откриле нов случај со даночни измами во земјата, односно била разбиена организирана мрежа од фиктивни компании кои преку фиктивни и лажни трансакции и фактури затајувале данок и барале нелегален поврат на ДДВ при што уапсени се 15 лица, меѓу кои и банкарски службеници и сметководители, а незаконски се стекнале со 4,8 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Мрежата функционирала така што компаниите формално работеле во различни дејности, но зад нив често стоеле лица без соодветно деловно и професионално искуство.
Како управители или единствени сопственици биле пријавувани невработени лица, сопственици на локални кафулиња и други лица без видлива деловна активност, а преку размена на фиктивни фактури со високи износи, мрежата создала механизам за систематско затајување данок и незаконско добивање поврат на даночни средства.
Како што информираа од ААДЕ, истрагата покажала дека инволвираните преку воспоставениот механизам за систематско затајување данок, преку размена на фиктивни фактури со високи износи, осум компании прикриле даноци и поднеле и добиле незаконски поврат на данок во вкупен износ од 4,8 милиони евра.
Меѓу уапсените се и двајца директори на филијали на банки во западна Грција и во поширокиот регион на Атина, а според истрагата, им „помагале“ на управителите на компаниите да ги подигнуваат стотиците илјади евра во готовина од незаконски добиените даночни поврати и за возврат, добивале „награда“ од над 100.000 евра за секое подигнување.
Од друга страна, во мрежата биле вклучени и сметководители, од кои четворица веќе се уапсени.
ноември 20, 2026

