Connect with us

Интервјуа

Матеуш Дадеј: Инвеститорите се враќаат поблиску до Европа – автоиндустријата е шансата за Македонија

 Рекорден раст на извозот и силен домашен стимул од 700 милиони евра додадена вредност преку изградбата на коридорите 8 и 10 д, од една страна, но и силен притисок врз ликвидноста на компаниите и пад на деловната доверба, од друга. Вака изгледа актуелната економска слика за Македонија низ призмата на „Кофејс“ (Coface) – водечкиот глобален играч во управувањето со трговски кредитни ризици, кој на земјава ѝ ја одржува оценката B (што означува умерен до висок ризик – каде што деловното опкружување е генерално прифатливо, но политичките или економските неизвесности може да влијаат врз наплатата на побарувањата).

Во ексклузивно интервју за МИА, регионалниот економист на „Кофејс“ за Централна и Источна Европа, Матеуш Дадеј, зборува за ефектите од трансформацијата на германската автоиндустрија врз македонските доставувачи, ризиците од стечаи во Западен Балкан, како и за последиците од американските царини и меѓуизборите врз европската и домашната економија. „Кофејс“ е водечки глобален играч во управување со трговски ризици веќе 80 години. Анализите и услугите на економските екперти на оваа групација ги користат 100 илјади клиенти на речиси 200 пазари, и тоа од областа на: кредитно осигурување, информативни услуги, наплата на побарувања, осигурување од поединечен ризик, гаранции и факторинг. Секојдневно, „Кофејс“ се потпира на својата единствена експертиза и најсовремени технологии за да ја олесни трговијата како на домашните така и на извозните пазари.

Во светската економија нивните квартални и годишни процени за ризикот на земјите и секторите важат за еден од најрелевантните показатели за странските инвеститори и извозници.

Германија ни е најголем трговски партнер и таму завршуваат над 40 % од македонскиот извоз. Како сите овие превирања и трансформации низ кои поминува германската индустрија ќе се прелеат кај нас и во регионот и имате ли конкретна процена колку тоа може да ја забави или промени извозната динамика на македонските компании? 

– Точно е дека Германија во моментот поминува низ структурна промена и изгуби дел од својата конкурентност по 2022 година. Сепак, по неколку години рецесија и стагнација, забележуваме постепено закрепнување на германската економија. Во вториот квартал од 2026 година германскиот БДП порасна за 1 % на годишно ниво, што е најбрза економска експанзија во последните неколку години. Закрепнувањето е сè уште кревко, особено со оглед на тековниот енергетски шок, но остануваме претпазливо оптимистични.

Македонија во моментот бележи подобрување во однос на извозот, со годишен раст од речиси 17 % во третиот квартал. Сепак, трговијата со Германија го оптоварува вкупниот извоз (извозот кон Германија падна за 5 %). Тоа е затоа што Македонија е силно интегрирана во германскиот автомобилски сектор. Она што ја прави ситуацијата уште полоша е тоа што, со извоз главно на катализатори со благородни метали (најмногу преку фабриката на „Џонсон Мети“ во близина на Скопје), преминот од мотори со внатрешно согорување кон електрични возила е структурно уште понегативен за македонската трговија.

Проценуваме дека неодамнешното забрзување од стагнација на 1 % раст на БДП се пренесе во дополнителни 0,1-процентен поен раст на БДП во Македонија. Без оглед на директните трговски односи опишани погоре, зголемената економска активност во Германија се прелева и во другите земји од еврозоната, што резултира со зголемена надворешна побарувачка за Македонија. Ова претставува ветер во грб за преработувачката индустрија, особено за текстилната индустрија, машинеријата и автомобилскиот сектор.

Македонија рекордно напред со извозот

Инфраструктурните проекти за коридорите 8 и 10 д, каде што влегуваат над 1,3 милијарда евра, моментно важат за еден од главните мотори на нашата економија. Колку ваквите големи градежни зафати успеваат да го ублажат падот на надворешната побарувачка и очекувате ли подобрената поврзаност долгорочно да ги намали логистичките и кредитните ризици за бизнисот? 

– Како што споменав, надворешната побарувачка за Македонија се подобрува, при што извозот на стоки ги надминува сите досегашни рекорди. Што се однесува до вашето прашање за инфраструктурните инвестиции, изградбата на коридорите веќе почна да ја стимулира економската активност:

Според нашиот инпут-аутпут модел, инвестицијата од 1,3 милијарда евра се очекува да генерира приближно 700 милиони евра домашна додадена вредност. Другите трошоци во голема мера ќе се одлеат во странство преку увоз на градежни материјали и опрема, вклучувајќи машини, челик и бетон.

Покрај директното влијание, проектот ќе ја стимулира активноста преку домашните синџири на снабдување преку зголемена побарувачка за интермедијарни добра и услуги. Секторите од кои се очекува да имаат најголема корист во Северна Македонија се рударството, производството на фабрикувани метални производи и сродните индустриски дејности што го снабдуваат градежниот сектор.

Дополнително, градежништвото се карактеризира со релативно висок мултипликатор на приходите. Зголемената вработеност и приходите од плати генерирани од проектот ќе ја поддржат куповната моќ на домаќинствата, што ќе доведе до посилна приватна потрошувачка и ќе создаде дополнителни позитивни ефекти во пошироката економија.

За Северна Македонија да го одржи својот економски развој, од суштинско значење е достапноста на модерна и ефикасна инфраструктура. Подобрената транспортна инфраструктура ги намалува логистичките и транспортните трошоци, ги олеснува трговските текови и ја подобрува поврзаноста со регионалните и меѓународните пазари. Како резултат на тоа, се зајакнува конкурентноста на земјата и Северна Македонија станува поатрактивна дестинација за трговија, инвестиции и деловна активност.

За Македонија ја одржувате оценката B за кредитен ризик, а како главни пречки се посочуваат високата сива економија од дури 38 % од БДП и бавната наплата. Кога на ова ќе се додаде и фискалниот дефицит од речиси 4 %, каква е состојбата со ликвидноста кај малите и средните фирми – какви се Вашите податоци за доцнењето во плаќањата и нивната кондиција редовно да ги покриваат обврските? 

– Корпоративниот сектор во Македонија е под силен трошковен притисок. Тековниот енергетски шок ги зголемува оперативните трошоци, а во исто време врши притисок врз профитните маржи. Подобрувањето на страната на побарувачката не е еднакво распределено во сите сектори, па затоа префрлањето на трошоците врз доставувачите нема да биде лесно за сите компании.

Во податоците од анкетите забележуваме постепено губење на деловната доверба, но нема многу сигурни податоци за стечаите во македонскиот корпоративен сектор.

Лекции од регионот

Словенија извлече силен извозен раст од 4,1 %, главно благодарение на фармата и брзото приспособување на пазарот. Кои практични потези и деловни модели од Словенија може да му послужат како лекција на нашиот и на егионалниот бизнис за да не зависи толку од еден-два пазари? 

– Успехот на Словенија нуди неколку лекции за другите земји во регионот. За малите, отворени економии, поголемата специјализација е од суштинско значење за постигнување економија на обем и надминување на ограничувањата на малиот домашен пазар. Со развивање експертиза во одделни индустрии, земјите може да обезбедат поповолни позиции во глобалните синџири на вредност и да заземат поголем удел од создадената вредност.

Сепак, ваквата специјализација зависи од силна база на човечки капитал. Напредното производство и услугите засновани на знаење бараат доволно квалификувана работна сила, поддржана од висококвалитетно образование, стручна обука и континуирани инвестиции во истражување и иновации. Затоа човечкиот капитал не е само двигател на продуктивноста, туку и предуслов за преминување кон активности со повисока додадена вредност.

Во CEE-регионот веќе се случува прегрупирање, кое носи зголемен ризик од неликвидност и стечаи. Каква е Вашата статистика за стечаите во Западен Балкан изминатиот период и кои сектори кај нас и кај соседот моментно се најподложни на прекини во плаќањата? 

– Засега не забележуваме силен пораст на стечаите кај балканските земји. Сепак, очекуваме тие да се зголемат на краток рок. Стечаите обично реагираат со задоцнување на промените во макроекономското опкружување. Ова најчесто се должи на постепеното трошење на резервите на ликвидност.

Сметаме дека секторите кои во моментот чувствуваат силен притисок се транспортот, рударството, основните метали и земјоделството. Градежништвото е исто така сектор со голема потрошувачка на гориво, но позитивните движења на страната на побарувачката ја ублажуваат ситуацијата.

Меѓуизборите во САД и крај на ерата Made in China

Американските меѓуизбори носат прилично затегната ситуација – сите процени укажуваат дека демократите би можеле да го преземат Претставничкиот дом и да му создадат сериозна блокада на Трамп на домашен план. Сепак, анализите покажуваат дека дури и со врзани раце во Вашингтон, Трамп го задржува главниот збор за трговската политика и веќе нишани 16 трговски партнери преку истрагите за прекумерни капацитети. Каде очекувате да ескалираат овие трговски тензии – дали ЕУ и Брисел се следните и колку тоа дополнително би го притиснало европскиот раст, кој веќе едвај се држи на речиси 1,6 %? 

– Според мене, последиците од меѓуизборите нема да бидат толку поврзани со она што Доналд Трамп може да направи, туку со тоа што е подготвен да направи. Целосно се согласувам дека тој ќе задржи голем дел од извршната власт. Но, исто така е јасно дека слабите резултати го принудуваат да ја преиспита политиката што ја води. Веројатно, ќе видиме поголем притисок од негова страна за постигнување договор со Иран и можеби повлекување на некои од политиките што ја поттикнаа кризата со трошоците за живот, како што е воведувањето царини. Не очекувам САД да станат понепријателски настроени кон европската економија.

Постои значителен ризик од блокада на инвестициите во центри за податоци и воопшто на инвестициите во вештачка интелигенција (ВИ), чие огромно трошење, всушност, се прелеа во остатокот од глобалната економија и материјално ја подобри економската активност.

Ако Трамп ги насочи своите извршни уредби кон ЕУ, каде најмногу ќе се почувствува тој удар во европската индустрија и колку бргу тие рефлексии ќе стигнат до регионот? 

– Доколку дојде до такво сценарио, верувам дека преработувачкиот сектор во Централна и Источна Европа (CEE) би бил најголемиот губитник од ескалацијата на трговските војни. Ефектот би се проширил од Германија. Директниот извоз од CEE во САД е занемарлив, но германскиот извоз во САД е значителен. На пример, иако само 3 % од македонскиот извоз оди во САД, крајната побарувачка од САД е одговорна за 12 % од додадената вредност создадена во Македонија. Тоа е затоа што македонскиот извоз е само дел од повеќефазен синџир на вредност, кој често се движи во неколку земји.

Една од Вашите последни анализи покажува дека американските царини сериозно ги измешаа картите во текстилната индустрија. Кина и понатаму држи над 160 милијарди долари извоз, но нејзиниот удел падна под 30 %, што е најниско ниво во последните 15 години, а профитираат земји како Бангладеш, Виетнам и Мадагаскар. Дали е ова крај на ерата Made in China и се чувствува ли ова пренасочување кај нас и во регионот и успеваме ли да искористиме нешто од овој бран на nearshoring или, пак, нè притискаат цените и логистиката? 

– Ние ги користиме можностите од nearshoring (приближување на производството), но не во текстилниот сектор. Ова е многу трудовоинтензивен сектор, каде што трошоците за работна сила се голем дел од структурата на трошоците. Малку е веројатно дека некоја земја од CEE може да им конкурира на азиските земји и затоа нема да привлече инвестиции во овој специфичен сектор.

Сепак, постои одреден тренд на преселување на производството поблиску (nearshoring), особено во автомобилската индустрија, електричната опрема и машинеријата. Трошоците за работна сила се сè уште атрактивни во однос на човечкиот капитал и тоа е погодно за овие среднотехнолошки индустрии. За балканските земји да имаат корист од овој тренд, императив е да се инвестира во човечкиот капитал, најмногу преку зголемување на трошоците за јавното образование (особено високото образование) и јавното истражување и развој.

Извор: МИА

Ad
Ad