Вести
Дебата на УКИМ за ВИ во правосудството – ефикасноста расте, но одговорноста останува кај судиите и обвинителите
Вештачката интелигенција може значително да придонесе за побрзо и поефикасно постапување во правосудството, особено при обработка на големи количества податоци и докази, но нејзината употреба мора да биде проследена со човечки надзор, критичко размислување и одговорност на правните професионалци. Ова беше истакнато на денешната дебата „Вештачката интелигенција во правосудството: можности и предизвици?“, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ.
Амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф Ле Риголер, оцени дека развојот на вештачката интелигенција се одвива многу побрзо отколку што можело да се предвиди пред неколку години, што предизвикува загриженост и затоа, вели, сè повеќе се отвораат прашања за нејзината примена и регулирање во различни области, вклучително и во правосудството.
– Во областа што нè засега и нè обединува денес, односно во правосудството, вештачката интелигенција може да биде корисна алатка, како и во многу други сектори, за подобрување на ефикасноста во работата, за олеснување на пристапот до одредени документи, како и за постигнување поголема ефикасност и брзина – рече Ле Риголер.
Посочи дека суштината на националните и меѓународните дебати е прашањето за регулирање на развојот на вештачката интелигенција, при што ја нагласи суштинската разлика меѓу европскиот и американскиот пристап.
Европејците, а особено Французите, вели, се залагаат за јасни правила и регулатива, потсетувајќи на вклученоста во подготовката на европската регулатива и на неодамнешниот самит за вештачка интелигенција во Париз. И покрај поларизацијата и огромните технолошки и финансиски интереси, амбасадорот нагласи дека во преден план мора да останат заштитата на човековите права.
– Овие вредности мора да останат во сржта на нашето дејствување. Развојот на вештачката интелигенција не значи дека треба да се откажеме од принципите на транспарентност и одговорност, ниту од начелото на човечки надзор врз овие процеси – истакна францускиот амбасадор Ле Риголер.
Јавната обвинителка за организиран криминал и корупција, Ана Гоговска Јакимовска, оцени дека системите за поддршка базирани на вештачка интелигенција би заштедиле значително време во предметното работење, особено при анализата на огромни количества финансиски и банкарски трансакции, сметки, комуникации и електронски уреди во услови на кратки законски рокови. Таа појасни дека во Јавното обвинителство сè уште не се користи ваква вештачка интелигенција, туку софтвери за анализа и поврзување на податоци и докази, изразувајќи надеж дека наскоро ќе бидат воведени вакви системи за побрзи и поуспешни постапки.
Истовремено, Гоговска Јакимовска предупреди дека никогаш не треба стопроцентно да се потпира на вештачката интелигенција без претходна проверка, наведувајќи дека веќе има примери на казнети адвокати кои во постапки употребиле непостоечка или погрешна судска пракса.
– Одговорноста останува лична, ваша и затоа секогаш треба да ги проверувате податоците кои вие сте ги прибавиле врз основа на употребата на таа вештачка интелигенција. Не можете, ако изготвите обвинителен акт користејќи вештачка интелигенција, а таа ве насочи погрешно, да отидете кај судијата и да му речете: „Судија, извинете, меѓутоа вештачката интелигенција ме насочи погрешно“. Одговорноста останува лична, ваша и затоа секогаш треба да ги проверувате податоците што сте ги прибавиле врз основа на употребата на вештачката интелигенција – рече Гоговска Јакимовска.
Посочи и на ризиците од злоупотреба на вештачката интелигенција за создавање „дипфејк” фотографии, видеа и гласовни пораки, наведувајќи примери на измами во кои сторителите се претставуваат како членови на семејството или учесници во сообраќајни незгоди, со цел да предизвикаат загриженост и да изнудат парични средства.
Во вакви случаи, според неа, особено е важно во кривичната постапка да се утврдат автентичноста, релевантноста и законитоста на прибавувањето на дигиталните докази, при што значајна улога има дигиталната форензика.
Гоговска Јакимовска информира дека во Јавното обвинителство засега не се користат системи со вештачка интелигенција од типот на оние што се развиваат за поддршка на судиите, но се применуваат софтверски решенија за анализа и поврзување податоци. Изрази надеж дека во блиска иднина вакви системи ќе бидат достапни и за обвинителството, особено за гонење на организираниот криминал и корупцијата.
– Вештачката интелигенција мислам дека никогаш нема да ја замени улогата на правникот, особено на судијата и на јавниот обвинител. Затоа што кога работите предметна работа, особено судија и јавен обвинител, го имате оној човечки момент на комуникација со странката, со обвинетиот, со оштетениот. Ако ја немате онаа емпатија и чувство на поврзаност со лицата со кои работите, нема успешно да го завршите вашиот предмет – оцени Гоговска Јакимовска.
Осврнувајќи се на улогата на правното образование, професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Тања Каракамишева, истакна дека универзитетите имаат клучна улога во подготовката на идните правници за одговорна употреба на вештачката интелигенција, при што студентите треба да развиваат критичко размислување и способност за самостојно правно резонирање.
Информира дека на Правниот факултет се спроведува проект поддржан од Министерството за образование и наука, во чии рамки е во завршна фаза подготовката на интердисциплинарна публикација за човековите права, владеењето на правото и одговорноста на граѓаните и правниците во сферата на вештачката интелигенција. Публикацијата ќе биде на англиски јазик и ќе ги опфати прашањата од различни правни области.
Во рамките на проектот се подготвува и анализа за усогласувањето на македонското законодавство со европската регулатива за вештачка интелигенција, а во тек е и подготовка на Национална стратегија за вештачка интелигенција.
Каракамишева посочи дека вештачката интелигенција може да биде помошна алатка во правната работа, но не смее да се третира како конечен авторитет, ниту да ја замени самостојната процена на правникот.
– Студентите мора да научат одговорно и критички да размислуваат, да ги проверуваат информациите и да разберат дека вештачката интелигенција не може да биде краен авторитет. Таа може да биде само помошна алатка за наша анализа, но не и авторитет – истакна Каракамишева.
Предупреди дека некритичкото преземање информации и непостоечка судска практика генерирани од алатките со вештачка интелигенција може да има сериозни професионални последици. Како пример ја посочи одлуката на Европскиот суд за човекови права од 13 ноември, со која, како што наведе, на албанска адвокатка ѝ било забрането во иднина да застапува жалители пред Судот поради користење непостоечка судска практика и несоодветни правни извори.
Според неа, новите технологии ќе ја променат и работата на професорите, кои покрај наставата ќе имаат зголемена задача да ги проверуваат изворите и информациите што студентите ги користат при изработката на академските трудови.
– Вештачката интелигенција не смее да го замени професорот, не смее да биде извор на алгоритамска дискриминација и повреда на еднаквоста и не смее да излезе надвор од човечкиот надзор. Мораме да го зачуваме академскиот интегритет и да ги научиме студентите самостојно правно да резонираат – рече Каракамишева.
Дебатата беше организирана од Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Националната школа за судии и јавни обвинители (ENM) и Експертиз Франс. Настанот е дел од пошироката соработка меѓу француските и македонските институции за поддршка на реформите во правосудството, дигитализацијата и јакнењето на институционалните капацитети.
ноември 19, 2026


